На Италијанците им секна песната – полека преовладува стравот и социјалниот немир


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Откако во цела Италија пред неколку недели беше воведен колективен карантин како реакција против ширењето на коронавирусот, Италијанците низ цела земја пееја и свиреа од своите балкони и здружено си порачуваа „Сè ќе биде во ред“ (Andrà tutto bene).

Три недели потоа, пеењето престана, а социјалниот немир расте додека голем дел од населението, особено во посиромашниот југ, сфаќа дека не е сè во ред, пренесува Мкд.мк.

„Тие веќе не пеат, ниту танцуваат на балконите“, рече Салваторе Мелузо, свештеник во Каритас Диоцесана ди Наполи, црковна хуманитарна организација во Неапол. „Сега луѓето се поуплашени – не толку од вирусот, туку од сиромаштијата. Многумина се без работа и се гладни. Сега има долги редици во народните кујни“.

Во јужниот дел на Италија имаше многу помалку смртни случаи поврзани со коронавирусот во споредба со најпогодените северни региони, но пандемијата има сериозно влијание врз приходите.

Тензиите растат низ најсиромашните јужни региони Кампања, Калабрија, Сицилија и Пуља, додека на луѓето им снемува храна и пари. Има информации дека на сопствениците на мали продавници им се врши притисок да даваат храна бесплатно, додека полицијата во некои области патролира во супермаркетите за да ги спречи кражбите. Самовработените или оние што работат со договори што не гарантираат социјални бенефиции ги загубија приходите, а многу мали бизниси можеби никогаш веќе нема да се отворат.

Париде Езине, келнер во Палермо, Сицилија, повеќе не добива плата. „Очигледно, поради карантинот, ресторанот се затвори“, рече тој. „Имам сопруга и две деца и живееме од заштедите. Но не знам колку долго ќе траат. Побарав од мојата банка да ми ги одложи ратите – тие рекоа не. Оваа ситуација нè кутнува на колена “.

Последиците од карантинот, за кој се претпоставува дека ќе биде продолжен барем до Велигден, влијае и на оние околу 3,3 милиони луѓе во Италија што работеле на црно, од кои повеќе од 1 милион живеат низ Кампања, Сицилија, Пуља и Калабрија, според најновите бројки од ЦГИА Местре, асоцијација за мали бизниси со седиште во Венеција.

„Во реалноста, не знаеме колкумина работат на црно бидејќи овие бројки се само процени“, рече Џовани Орсина, професор по политика на универзитетот Луис во Рим. „Сепак, значителен број луѓе живеат од ден за ден, вршат повремени работи. Исто така, има многу дуќанџии, или професионалци што работат сами за себе, кои може да имаат умерени заштеди што ќе ги снема ако се подолг период во карантин“.

Во екот на огромната вознемиреност, премиерот Џузепе Конте рече дека 4,3 милијарди евра од фондот за солидарност веднаш ќе бидат пратени во сите општини и дополнителни 400 милиони евра ќе одат кај градоначалниците за претворање во купони за храна. Но градоначалниците се побунија дека средствата, особено 400 милиони евра за купони за храна, не се доволни.

„Апсолутно не е доволно“, рече Салво Пољезе, градоначалник на Катанија. „Очекувавме повеќе и се надевам дека владата ќе најде начин. Ситуацијата е исклучително деликатна бидејќи значителен дел од населението има нула приход. Оние што порано живееја достоинствено, сега се наоѓаат во проблеми“, пренесува Гардијан.

Исто така, постојат знаци дека криминалните организации ја искористуваат ситуацијата. Во тек се истраги за активностите на фејсбук-група наречена „Национална револуција“, која ги поттикнува луѓето да ги ограбуваат супермаркетите.

„Луѓето (зад оваа група) се оние што, пред карантинот, заработуваа за живот од грабежи во куќи и кражби од продавници“, рече извор од сицилиската единица Дигос, антитерористичка полициска единица на Италија. „Но со оглед на тоа што некои од овие криминални активности се паузирани поради карантинот, единствените дуќани отворени за ограбување се супермаркетите и аптеките. Тоа се луѓе што, поради распространетата сиромаштија на југ, обично преживуваат од криминални активности, но на кои сега не им оди добро“.

Леолука Орландо, градоначалникот на Палермо, побара од владата да утврди „приход за преживување“ за најсиромашните граѓани, поради стравувањата дека „криминалните групи може да промовираат акти на насилство“.

Властите се загрижени и дека мафијата ќе го искористи растот на сиромаштијата, обидувајќи се да регрутира луѓе во својата организација. „Криминалните организации имаат многу пари и луѓето би можеле на крај да отидат да работат за нив, а откако еднаш ќе почнат, нема враќање назад“, рече Орсина.

Во меѓувреме, даноците за малите бизниси само беа паузирани, а не укинати, што значи дека сопствениците сепак ќе треба да најдат пари за придонеси во некоја подоцнежна фаза, и покрај тоа што ги загубија приходите за време на карантинот. А оние што можат да добијат финансиска поддршка наидуваат на бирократски пречки.

„Бирократијата е вистинскиот непријател на оваа земја и во кризна состојба невозможно е да се реши овој проблем“, рече Масимилијано Панарари, професор на универзитетот Луис. „Луѓето можеби во почетокот на карантинот се обидоа да останат со ведар дух, но сега нивните мисли се враќаат кон горчливата реалност на една неверојатно кревка земја“.