На граничниот премин Табановце приведен Драган Даравелски


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Полициските служби денеска го приведоа бившиот директор на македонската Царинска управа, Драган Даравелски, пренесува „360 степени“ повикувајќи се на извори од МВР.

„Денеска (10.01.2023) на ГП ‘Табановце’ е приведен Д.Д., кој се бараше со меѓународна потерница, и ќе биде пренесен во надлежната казнено-поправна установа“, соопштија од МВР.

Драган Даравелски е поранешен директор на Царинската управа кој е осуден за злоупотреба на службената положба во Царината во периодот од 1999 до 2002 година во вредност од над 2 милиони евра. По изречената пресуда во 2007 година, за Даравелски следуваа и низа кривични пријави за злоупотреба на службената должност и овластувања по разни основи, а меѓу нив најтешката е за неуплатување на приходите од царините во Буџетот на државата.

Неговиот заменик, второобвинетиот Киро Доцевски, беше обвинет за истото дело, но и за фалсификување службена исправа. Според обвинението, државата била оштетена за 2,5 милиони евра. Судот тогаш одлучи на двајцата да им се заплени имот во висина од 103 575 167 денари.

Даравелски беше баран со потерница на Интерпол. Тој во 2016 година беше уапсен во Белград, но не се случи неговата екстрадиција бидејќи српските власти ја прекинаа постапката неколку минути пред примопредавањето откако со задоцнување дознаа дека Даравелски има српско државјанство. Како што посочуваат од Министерството за правда, последната екстрадиција од Србија била барана во јуни 2020 и досега нема одговор на барањето. Претходно, екстрадиции биле барани во 2004, 2013 и 2016 година.