Хаос во Бразил – десетици илјади поддржувачи на Болсонаро и Лула протестираат по улиците и во институциите


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Неколку дена откако приврзаниците на поранешниот претседател Жаир Болсонаро ги нападнаа владините институции, десетици илјади подржувачи на актуелниот претседател Игнасио да Силва, ги исполнија улиците на сите поголеми градови за да и дадат поддршка на актуелната влада.

Облечени во боите на работничката партија на бразилскиот претседател, побараа да нема амнестија за никого а одговорните да бидат казнети.

„Сакаат да ја укинат демократијата во нашата земја, нешто за што толку долго и силно се боревме. Демократијата во нашата земја трае само 30 години, но сакам таа да остане засекогаш.“

„Малку ми е страв дека можат да се повторат немирите. НО тоа нема да ја запре нашата борба. Мораме да продолжиме со отпорот и да покажеме дека вакво нешто никогаш не смее да се повтори.“

„Болсонаро мора да заврши во затвор поради сите направи кои ги направи. Тој ја промовираше милицијата, ги напаѓаше противниците.“

Околу 1.500 луѓе беа приведени во нередите кои се случија во неделата во главниот град на Бразил, седум дена откако новиот претседател положи заклетва по изборите кои се оддржаа во октомври. Бразилските власти веќе отворија истрага за да се утврди кој е одговорен за најтешкиот напад врз институциите од враќањето на демократијата во земјата пред четириесетина години.

„Терористите кои промовираат уништување на јавни места во Бразилија се идентификувани и казнети. Продолжуваме со работа во Претседателската палата. Демократија засекогаш.“ – изјави Игнасио Лула да Силва претседател на Бразил.

Поддржувачите на поранешниот претседател сметаат дека Лула да Силва не треба да биде шеф на државата туку да се врати во затвор од каде беше ослободен откако беше поништена пресудата од 2017 година, за коруција и злоупотреба на положбата.

67 годишниот поранешен претседател на Бразил, Жаир Болсонаро, кој се соочува со неколку истраги од врховниот суд , се уште не ги признава резултатите од изборите. Откако на 1-ви јануари ја предаде функцијата, замина во САД каде беше примен во болница во Флорида поради болки во стомакот.

Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан вели дека засега од Бразил не добиле барање за екстрадиција на поранешниот бразилски претседател.