Мразот го изгоре земјоделието во Македонија: Во делчевско штети и до 100 проценти


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Претставници од подрачната единица на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство од Делчево денеска направија увид на овошните насади со цел да ги согледаат на терен штетите предизвикани од ниските температури кои изминативе два дена се спуштија и до 7 степени под нулатата.

Како што информираше Драган Христов, вработен во ПЕ на МЗШВ од Делчево, најголеми штети се предизвикани на насадите на сливи, што е всушност и основна гранка во овоштарството во регионот на Пијанец.

Ние денеска бевме на терен секаде каде што има овошни насади. Во околните насади во Делчево, потоа во селата Разловци, Тработивиште, Вирче, Град, Стамер, Истевник. Состојбата со оштетувањата е многу сериозна, се забалежуваат штети кај насадите со сливи кои се движат од 90 до 100 проценти, кај насадите со вишните од 30 до 40 отсто, кајсиите и оревите се оштетени и до 100 проценти досега, а штети има и кај јаболката и тоа до 100 отсто. Досега само кај насадите со лешниците нема зебелжано штети, рече Христов.

Додаде дека оваа информација ќе биде доставена до надлежното Министерството по што ќе се одлучува за создавање комисии за проценка на штети од елемнатрни непогоди, а ПЕ на Министерството ќе бидат главни носители на активностите.

Слична е состојбата и во Малешевијата. Благица Русковска, ракводител на ПЕ во Берово истакнува дека овде штетите се движат до 90 проценти.

Најголеми штети има кај насадите со сливи. Оштетувањата најмногу се забележуваат на насадите кои се на повисоките места. Нашите служби и сите вработени се денеска на терен со цел да напраиме увид со состојбата на овошите насади по ниските температури и мразевите, а ќе се постетат сите овоштарници во општините Берово и Пехчево, истакна Русковска.

Пролетните мразови во април и лани предизвикаа големи штети кај овошните насади во Пијанец и Малеш предизвикувајќи штети од милиони евра. Инаку, под сливи и вишни, како најбројна овошна култура во овој регион, се околу 5 илјади хектари.

Комисии за испитување на штетите настанати кај овошните и лозовите насади поради ниските температури и мразот од вчера требаше да излезат на терен и да се направат првични анализи и проценки за направените штети.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков по вечерната саботна вонредна владина седница изјави дека е формирана и комисија од повеќе институции којашто треба да утврди методолгија по која ќе се изврши исплаќање на штетите.

Изминатите две вечери температурите се спуштаа и до минус седум степени и може да се заклучи дека штетите кај овошните и лозовите насади се доста големи. Земјоделците треба да бидат безгрижни и сигурни дека ќе ги обештетиме, имајќи во предвид дека и во изминатите години сме имале вакви штети. Ќе најдеме начин и пари да ги обештетиме, изјави министерот Цветков по владината седница.

Тој посочи дека согласно законот штетите се исплаќаат до 100 отсто и не е стриктно утврдено колкав ќе биде процентот на исплата.

Висината на исплатената штета ќе зависи од големината на оштетувањата, од вкупната сума која ќе треба да се обештети и согласно средствата со кои располага Министерството во нашите програми. Процентот не може да се одреди веднаш, туку ќе го одредиме согласно штетата и согласно парите со кои располагаме, прецизира Цветков.

Според заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски, од направениот увид на терен се согледува дека се направени штети врз јаболковите насади во Преспанскиот регион и во сите останати региони во Македонија со исклучок на една или две општини во јужниот дел.

Комисиите кои се формирани утре ќе бидат на терен и ќе се направат итни и првични анализи и процени на настанатата штета од мразот. Согласно првичните процени и воспостановената методологија ќе се утврди на кој начин ќе се одреди износот и вредноста на штетата, истакна Костадиновски.

Тој посочи дека од 2012 година Владата субвенционира 60 отсто од износот на полисата за осигурување од ризици во земјоделството и додаде дека рапидно е зголемен бројот на замјоделците кои ја користат таа мерка.

На владината седница присуствуваа и повеќе градоначалници од општините каде има најголеми штети на насадите.