Спорт

Многумина нема да се согласат: Тимот на сезоната – Мертенс во шпицот, Алкантара и Кеита на „врска“?

Се ближи крајот на уште една фудбалска сезона во Европа, па во наредните недели после претстојниот викенд, на многу спортски сајтови, сигурно ќе се изначитате избори за тимот на сезоната, па од Палермо до Ливерпул ќе се расправа за тоа кои играчи го одбележаа изминатиот натпреварувачки циклус и кој сè заслужил да се најде во списокот на најдобри единаесетмина на Стариот континент.

Деновиве го добивме првиот таков избор, со тоа што тој е ограничен само на пет најсилни фудбалски лиги во Европа, но со оглед на фактот дека најдобрите играчи играат во Англија, Шпанија, Германија, Италија и Франција, цениме дека отприлика тоа е тоа.

Е сега, што се однесува до изборот, овој го направи тимот од Институтот за студии во спортот (CIES) од Нојшател, а со оглед на тоа дека научниците не така често гледаат фудбал со исти очи како и просечните фудбалски фанови, со некои одлуки можеби и нема да се согласите. Поточно, веројатно нема да се согласите.

Како и да е, според CIES на голот стои Мануел Ноер, иако сме сигурни дека оваа сезона многумина поскоро би се определиле за Џиџи Буфон. Бруно Перес од Рома е на десната бековска позиција, каде доби предност пред, да речеме, еден Дани Алвеш. На стоперската позиција е тандемот од Баерн Минхен, Мартинез/Матс Хумелс, иако цела сезона главно се зборуваше за Серхио Рамос и непоминливите бекови на Јуве, но за да не биде дека нема никој од Торино – на лев бек е Алекс Сандро.

Посебно интересен е изборот од три играчи за врска, бидејќи на тие места се најдоа играчот од Лајпциг, Наби Кеита, за кој, сите кои го гледале, знаат за колку добар играч станува збор, па Тијаго Алкандар, кој навистина блеска во Баерн, и Пол Погба, иако повеќето нема да се согласат дека барем во првиот дел од сезоната Французинот не го оправда епитетот најскап играч во историјата на фудбалот.

По крилата неприкосновени се Лионел Меси и Кристиано Роналдо (овој првиот, патем, е и најдобро оценет играч во истражувањето), а во самиот шпиц, на општо изненадување, се најде Дрис Мертенс од Наполи. Не Гонзало Игуаин, не Левандовски, не Диего Коста, ниту пак Суарез, Антоан Гризман или Златан Ибрахимовиќ. Баш Дрис Мертенс. Да, точно е, беше одличен, но дали беше и најдобар?

Сепак, каков и да беше изборот, секако ќе имаше забелешки и замерки.

А за да ви дадеме уште неколку теми за квалитетни кафански расправи, еве ги листите за најдобри тимови на сезоната и по лиги.

Премиер лига: Уго Лорис (Тотенхем) – Цезар Аспиликета (Челзи), Дејан Ловрен (Ливерпул), Николас Отаменди (Манчестер Сити), Џејмс Милнер (Ливерпул) – Андер Ерера (Манчестер Јунајтед), Пол Погба (исто Јунајтед) – Педро (Челзи), Кевин де Брујн (Сити), Филипе Кутињо (Ливерпул) – Агуеро (Сити).

Примера: Серхио Асењо (Виљареал) – Дани Карвахал (Реал Мадрид), Алварез (Атлетик Билбао), Серхио Рамос (Реал Мадрид), Марсело (Реал Мадрид) – Тони Крос (Реал Мадрид), Серхио Бускетс (Барселона), Иван Ракитиќ (Барселона) – Линоел Меси (Барса), Кристиано Роналдо (Реал), Луис Суарез (Барса).

Серија А: Етрир Бериша (Аталанта) – Бруно Перес (Рома), Калиду Калибали (Наполи), Леонардо Бонучи (Јувентус), Алекс Сандро (Јувентус) – Марек Хамшик (Наполи), Роберто Гаљардини (Интер) – Фелипе Андерсон (Лацио), Папу Гомез (Аталанта), Лоренцо Инсиње (Наполи) – Дрис Мертенс (Наполи).

Бундеслига: Мануел Ноер (Баерн) – Бенјамин Хенрихс (Баер Леверкузен), Хави Мартинез (Баерн), Матс Хумелс (Баерн), Давид Алаба (Баерн) – Наби Кеита (Лајпциг), Тијаго Алкантара (Баерн) – Алесандро Шепф (Шалке), Карем Демирбај (Хофенхајм), Емил Форсберг (Лајпциг) – Роберт Левандовски (Баерн).

Advertisements
To Top