Мицкоски: Каде беа правните експерти да го критикуваат Црвенковски за тоа како ги добил материјалите од „Големото уво“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за емисијата „360 Степени“, зборуваше за изјавата дека поседува материјали од истрагата за случајот „Рекет“ доставени од свиркачи и реакциите на оваа негова изјава.

И самите кажавте дека голем број правни експерти се вознемирија за мојата прес конференција, кои се тие материјали, како сум ги добил, што се тие материјали и слично… а истите тие правни експерти, се сеќавате на една, исто така голема афера – „Големото уво“, кога тогашниот прв човек на СДСМ, Бранко Црвенковски кажуваше дека некој му ги оставил пред врата. Не сум слушнал дека некој од нив тогаш го критикуваше сето тоа. Не сум слушнал некој од нив да каже некоја критика или да се повика на законите и Уставот – рече Мицкоски.

Запрашан за тоа дали прави разлика меѓу материјали доставени на тој начин и материјали излезени од истрага, Мицкоски рече дека е исто дали материјалите добиени од свиркачи се од истрага или од нелегално прислушкување.

Тие материјали се доставени од свиркачи. Тука сум, дојдете, приведете ме, апсете ме ако сум сторил кривично дело, судете ме. И не очекувам ништо поразлично во времето на заевизмот дека ќе се случи. Но, не треба да заборават дека ВМРО-ДПМНЕ ниту почнало, ниту ќе заврши со Христијан Мицкоски. Претпоставувам дека после Христијан Мицкоски ќе дојде некој друг. Јас сум сега претседател на ВМРО-ДПМНЕ и еден од тие којшто е најповикан, посебно граѓаните во Република Македонија да ја дознаат вистината за јавниот интерес. Вистината јас до моментот додека гледам дека се води истрагата на начинот на којшто се води, и додека има минимум објективност, ќе молчиме. Но, во првиот момент кога ќе видам дека јавниот интерес е загрозен и дека некој се обидува да штити политички моќници, тогаш ќе мора истите тие материјали да ги дадеме на увид на јавноста, рече Мицкоски.

Тој во интервјуто рече дека се уште не биле анализирани добиените материјали, но дека бара сите лица кои се споменати во исказите за случајот „Рекет“ да бидат повикани во обвинителството.

Не викам дека треба да се повикаат да дадат исказ другарчињата од маало на Бојан Јовановски кои му биле на роденден, туку тие кои се споменати во исказите – рече Мицкоски.

Извор: 360 степени