Мицкоски: Илинден е крикот на Македонецот и сите обесправени народи за човечки правдини


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денес присуствуваше на одбележување на големиот празник, 2 Август Илинден во струшкото село Ташмаруниште од каде на сите граѓани им го честита големиот ден.

Во своето обраќање пред присутните Мицкоски истакна дека Илинден е крикот на поробениот Македонец, тоа е жедта за слобода и човечки правдини. Природниот стремеж за своја држава на секој Македонец.

-Илинден e вознесот на една столетна борба на обесправениот народ, каде саможртвата е нужност тогаш кога борбата е единствениот начин до целта. Но, самопрегорот кој го поднесоа тие гледаа како на поднослива саможртва, затоа што љубовта кон својата земја и татковина беше најголемата жртва којашто во тој момент можеа да ја поднесат. Претседателот на Крушевската Република, Никола Карев пред насобраните илинденци рекол: „Ние револуционерите дигнавме пушка, и на нашето црвено знаме напишавме, СМРТ ИЛИ СЛОБОДА, за да си ги запазиме животот, верата и честа. Ние го кренавме тоа црвено знаме и назад нема. Назад нема затоа што пред нас е исправена целта, а тоа е нашата мила Македонија”, посочи во своето обраќање Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека 115 години потоа ја имаме истата максима пред нас како водилка.

-Секогаш кога ќе биде дилемата дека сепак, востанието не успеало, дека шансите за конечна победа во тој момент биле еднакви на нула, но востанието се случило и тоа е факт кој што ќе остане запишан и врежан во историските читанки и во сеќавањата на секој граѓанин на оваа земја, на секој Македонец. Сето ова го знаеле и Карев, и Питу, и Груев, и Узунов, и сите останати, но сепак борба имало, затоа што биле подготвени со својот живот да се борат за слободата, за ова парче земја во кое денеска ние живееме, работиме и се образуваме. Затоа денес ние го славиме ова дело со срца полни со восхит за нивната саможртва, нескршлива волја, и пркост пред бројниот и далеку поброен непријател. Затоа што најлесно било да се предадат кога било најтешко, и тогаш кога не се гледало никаков излез, но тој бунтувен дух на овие револуционерни титани бил многу поголем од било кој страв кој би ги натерал да се предадат во тој момент и да го положат оружјето. И тука, свој удел има и токму ова свео место Маруништа како што го викаат локалните граѓани, или Ташмаруништа како што пишува на сообраќајните знаци, чии што жители директно се вклучиле во востанието кое било сенароден отпор на обесправените, и чиј што исход завршил со крваво задшување на востанието, но сепак тогаш биле поставени темелите, а победите дошле веднаш после вториот Илинден на оние кои ја продолжиле борбата, потенцираше партискиот лидер.