Мијалков сакаше да се извади на Иванов, не успеа


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Со тензија и повисоки тонови се одржа вчерашното рочиште за случајот „Таргет-Тврдина“, кој го води Специјалното јавно обвинителство, пишува порталот Независен.

Обвинителката Ленче Ристоска рече дека обезбедиле голем број докази и искази со кои ќе се докаже дека Сашо Мијалков, Горан Грујовски и Надица Николиќ формирале злосторничко здружение за нелегално прислушување на кое подоцна му се приклучиле и обвинетите Силвана Златкова, Владимир Варелов, Васил Исакоски и Марјан Шумуликовски, како и сведоците Влатко Георгиевски, Марјан Јанкуловски и Ѕвонко Костовски. Костовски му ги предал записите на Ѓорѓи Лазаревски кој, пак, му ги доставил на Зоран Верушевски, а тој на Зоран Заев кој подоцна ги предал во СЈО.Сашо Мијалков и Горан Грујовски, заедно со Гордана Јанкулоска и Никола Бошкоски, се товарат и за уништување на системот за прислушување на МВР и интермедијациските уреди на операторите во вредност од 1.418.879 евра, а Валентина Симоновска за фалсификување службен документ.

„Сакаме да пратиме порака дека никој не смее да ја злоупотребува својата службена положба без оглед на моќта која му припаѓа, а особено да не ја злоупотребува приватноста на граѓаните“, рече Ристоска на крајот од воведниот говор.

Судијката Џенета Бегтовиќ го одби барањето на Мијалков за прекинување на постапката против него за масовното нелегално прислушување. Тој се повика на аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, ама судијката рече дека за аболицијата судот веќе решавал и се изјаснил во претходните постапки. Потоа, Мијалков, како и другите обвинети, се изјаснија за невини.Во еден момент дојде до расправија меѓу обвинителката Ристоска и адвокатот Петар Василев околу тоа дали има право да ѝ реплицира за воведниот говор, па мораше да „интервенира“ и Мијалков.

„Не се нервирајте, нервозата е лош сојузник“, им порача тој.

Адвокатот Јордан Апостолски изјави дека не држат наводите на обвинителството дека опремата за прислушување е намерно уништена. Тој објасни дека кога ќе се набави нова опрема, согласно правилата и со договорот со снабдувачот, е одредено старата задолжително да се уништи.

„Застарената опрема што не можела да ги следи технолошките текови била заменета со нова, а претходната уништена“, истакна одбраната.

Новото рочиште е закажано за 13 септември. Дотогаш треба да се одлучи дали ќе биде споена постапката за Јанкулоска, која беше раздвоена поради нејзината бременост. Во јуни, судот ги издвои постапките и за Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои што побегнаа во Грција.

Во извештајот на ОБСЕ, кој беше објавен во средата, се изнесени делови од истрагата што ја водело СЈО. Во прегледот на обвинението под графата факти за обвинението стои: „СЈО тврди дека во февруари 2015 година, по објавувањето на ‘бомбите’, Горан Грујевски и Сашо Мијалков се обиделе да го сокријат фактот дека незаконското следење на комуникациите се одвивало во просториите на УБК. Мијалков му наредил на Грујевски да ги уништи системите за следење ‘Вернит’ и ‘Најс трак’ во време кога ‘Најс трак’ сè уште бил во употреба. Грујевски, заедно со шефот на одделот за координација во УБК, Тони Јакимовски, воспоставил ад хок комисија за уништување на застарена и нефункционална опрема во отсуство на какви било законски основи. Процесот бил одобрен од Гордана Јанкулоска, тогашната министерка за внатрешни работи. Со таквите дејствија, според СЈО, му била нанесена штета на буџетот од 87.261.058 денари“, забележано е во извештајот.

Уништувањето одело во две фази, на 28 март во отпад за железо на правниот субјект „БУ-БО Металика“, каде што системите за следење комуникации биле ставени во преси. Грујевски, Јакимовски, Бошковски и едно лице вработено во УБК, чиј идентитет не се открива, како што е нотирано, го организирале транспортот до отпадот со товарни возила на МВР. Уништувањето било извршено од страна на неколку лица кои се споменуваат во обвинението во својство на сведоци. Тоа било документирано со фотографски докази и видеоснимки. Втората фаза се одвивала на 3 април 2015 година во простории на правниот субјект „Еко циркон“ во Маџари откако Грујевски им наредил на членови на комисијата да се осигураат дека системите се целосно уништени. Таму двајца вработени од таа компанија го ставиле згмечениот материјал во дробилка и истиот го издробиле. Откако ја завршиле работата, комисијата поднела извештај до Мијалков и Јанкуловска докажувајќи им дека работата е завршена, по што ги уништиле фотографиите и видеоснимките направени од операцијата. (Н.В.)

Извор: Независен