Македонските потрошувачи недоволно ги познаваат своите потрошувачки права


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Од Организацијата на потрошувачи на Македонија информираат дека од вкупниот број поплаки за кршење на потрошувачки права кои стигнале кај нив, мобилните телефони и машините за перење се најчести предмети за чија неисправност се жалат купувачите. Оттаму објаснуваат дека техничките производи покажале одредена неисправност уште при првото вклучување.

„Најголем број од поплаките се однесува на проблеми со техничките производи во однос на тоа што тие се сервисирани повеќе од три пати, додека законскиот максимум дозволува три пати да се сервисираат и потоа на потрошувачите им следува нов производ“, изјави Павле Костовски, правен советник во Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Голем дел од поплаките се упатени и на сметка на салоните за мебел. Купувачите се жалат на неквалитетна изработка, кратко по купувањето се случувало да се искине производот, да избледи, или пак, бојата на едно парче мебел воопшто да не се совпаѓа со целата гарнитура.

„Кога предметот е целина и дел од предметот ако не е усогласен, потрошувачите имаат право да го раскинат, а се случува продавачите да не им дозволуваат да го раскинат договорот”, вели Костовски.

Од Организацијата сметаат дека граѓаните во земјава не се доволно информирани за своите права како потрошувачи. На пример, ретко кој знае дека при купување облека, обувки или други производи за кои што не добиваме гарантен лист, истите имаат гаранција за квалитет од шест месеци. За таа цел, во рамки на Програмата за заштита на потрошувачи, се организираат конференции и се изработуваат брошури во печатена и електронска верзија, каде потрошувачите може да се информираат за своите права.

Од почетокот на годинава до Организацијата на потрошувачи пристигнале околу 900 поплаки од купувачи или корисници на услуги.