Македонските граѓани преку безбедени коридори се евакуираат од Украина

Македонски граѓани кои се уште се наоѓаат во Украина се евакуираат преку безбедни коридори. Од Министерството за надворешни работи апелираат сите македонски државјани кои се уште не оставиле свои податоци, веднаш да се јават на телефонскиот број +389 75 273 732, кој е постојано активен и да остават прецизни податоци за нивната локација и состојба.

Вчера, две семејства од Одеса преку коридор обезбеден во координација со Владата на Бугарија се евакуирани, а шест други македонски граѓани се наоѓаат на безбедно во Молдавија од каде треба да продолжат кон Бугарија, а оттаму кон земјава.
„Активностите продолжуваат, се прават сите напори за да бидат евакирани сите граѓани кои ќе побараат помош“, напиша вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи на „Фејсбук”.

Од МНР апелираат оние македонски граѓани, кои се во можност, да се упатат кон Одеса и да се јават во просториите на Генералниот конзулат на Бугарија од каде се уште има активни коридори за евакуација.

Остварена е соработка и со властите на Романија и Унгарија и се апелира до граѓаните, кои се во можност, да се упатат во западниот дел на Украина, кон конзулатите на Романија во Солотвино и Чернаути, како и кон конзулатите на Унгарија во Узгород, Берегове и Мукачево.

На овие локации, како што соопшти вчера МНР, ќе им биде пружена дополнителна помош и асистенција во насока на нивна евакуација од Украина кон овие земји.

„Во постојан контакт сме и со властите во Молдавија, од каде исто така имаме добиено потврда за вклучување на нашите државјани во евентуалните нивни коридори за евакуација“, информираше МНР.

Оттаму посочија дека се прават напори да се обезбедат и други безбедносни коридори за евакуација на наши државјани за што дополнително ќе информираат.

Во саботата беа евакуирани и македонските дипломати од Киев и беше почнат процес за евакуација на 30 наши монитори во рамки на Специјалната мониторинг мисија. Дел од нив беа упатени кон Молдавија, а дел кон Полска.

„Одлука за евакуација на нашите дипломати имаме донесено на денот на руската агресија во Украина, но поради отежнатите околности тие не беа во состојба да ја напуштат Амбасадата. Целиот овој период беа во скривница. Потоа преземавме неколку координации со наши партнери и успеавме пред половина час да ги извлечеме нашите дипломати преку безбедносен коридор и тие се веќе тргнати кон Молдавија“, изјави шефот на македонската дипломатија Бујар Османи во саботата.

Од МНР во саботата информираа дека имале јавувања и од македонски превозници кои се заглавени на украинско-полската и украинско-романската граница и дека се прават напори да им се помогне да ја напуштат украинската територија без да трпат економски последици. МНР апелира и до сите транспортни превозници да се воздржат од проток и патувања кон Украина затоа што, како што наведуваат, состојбите се крајно непредвидливи и нашите институции не можат да ја гарантираат нивната безбедност.

Од почетокот на воениот конфликт во Украина, како што соопшти УНИЦЕФ, во соседните држави избегале околу 368.000 бегалци и нивниот број продолжува да расте.

„Тој број се заснова на податоците што ни ги дадоа националните власти“, соопшти вчера УНХЦР во порака на Твитер. Претходно, агенцијата на ОН објави дека во соседните земји има повеќе од 200.000 бегалци.

Македонските власти уверуваат дека безбедносната состојба во земјава е стабилна и дека во моментот нема дирекна закана по нејзината безбедност. На највисоко ниво е подигнато нивото на заштита поради можните закани од кибер напади. Се апелира на прекин на воените дејствија во Украина и решавање на конфликтот по мирен, дипломатски пат.

Од вчера земјава се приклучи на групата европски држави кои забранија влез на авиокомпании од Русија во нивниот воздушен простор. Одлуката беше донесена на владина седница, а од неа се изземаат хуманитарните летови и летовите во случај на итност.

„Владата ја задолжи АД во Државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ да ја отпочне постапката за спроведување на оваа одлука и да ги извести Европските воздухопловни власти за забраната за влез во воздушниот простор на Северна Македонија за авио превозници регистрирани во Руската Федерација“, соопшти владината прес-служба.

Со оваа одлука, како што информираа од Владата, земјава се приклучува кон препораките на ЕУ и на земјите членки кои имаат донесено таква одлука.