Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ бугарските власти уште го сметаат за нелегитимен


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ кој беше отворен во Благоевград за бугарските власти и натаму е нелегитимен. Еден ден по отворањето, останува негаторската реторика дека ниту станува збор за културен клуб, ниту тој може да го носи името на Вапцаров.

„Клубот е нелегитимен затоа што местото на кое се собраа не одговара на Законот за просторно планирање дека е културен центар. Тоа повеќе е канцеларија во која луѓето се собираат на прватна основа. Едноставно, решаваат и се собираат дали во градина, во канцеларија или дома. Така што никако не може да го носи името на културен дом и никако да го носи името на Никола Вапцаров. Тоа едноставно е канцеларија“, изјави Илко Стојанов, градоначалник на Благоевград.

Бугарските медиуми потсетуваат дека организацијата која стои зад отворањето на клубот во Благоевград е регистрирана во Канада и нема никаква врска со властите во Македонија.

Но, ако Македонија отвори државен културен клуб, локалната власт ќе го поддржи.

„Тоа веќе звучи многу понормално. Ако се преземат чекори на државно ниво, Бугарите ќе се радуваат на каков и да е клуб. Имаме културни клубови на Франција, на американскиот универзитет имаме еден куп националности. Така што, можам да ги кажам зборовите на Гоце Делчев дека го разбира светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Но, културата значи да нема омраза и да нема напнатост“, додава Стојанов.

Работењето на клубот треба да го следат други органи, вели Стојанов, и додава дека ако има некакви пријави, ќе ги предаде на надлежните органи. Задоволен е што отворањето на клубот помина релативно мирно, но и натаму негира дека во неговиот град има македонско малцинство.