Македонија закажа пријателска: Во Скопје пристигнува Арда Туран и дружината!

Фудбалската репрезентација на Турција ќе гостува во Скопје на 5 јуни и ќе игра контролен меч со Македонија, што ќе биде добра подготовка за нашите фудбалери за квалификацискиот меч со Шпанија на 11 јуни.

Македонија и Турција низ историјата имаат одиграно седум натпревари, билансот е една победа на Македонија, едно реми и пет победи на Турција.

Во 1994 и 1995 година Македонија двапати загуби во пријателски натпревари, со 0:2 и 1:2, потоа во квалификацискиот циклус за Мундијалот во 2002 година, Турција победи во Скопје со 1:2, а во реваншот беше 3:3.

И во следниот циклус квалификации, но за ЕП 2004, Македонија и Турција беа во иста група. Двете средби завршија со победа на Турција, во октомври 2002 беше 1:2, а потоа 3:2.

Единствената победа во седумте меѓусебни дуели Македонија ја има забележано во 2006 година, кога во пријателски меч славеше со 1:0.

Во секој случај ова ќе биде одлична прилика љубителите на фудбалот во Скопје да ги видат Арда Туран, Чалканоглу и останатите ѕвезди на турската репрезентација.