Македонија во НАТО најрано во 2020г


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Од денеска Македонија ја очекува интензивен период на подготовки за нејзиното членство во НАТО. Пристапните преговори стартуваа, а до полноправно членство најверојатно ќе треба да поминат 18 месеци, велат од делегацијата на Алијансата која престојува во земјава, јавува Радио Слободна Европа.

Од денеска и официјално Македонија ги стартуваше пристапните преговори за полноправно членство во Алијансата. Директорот за европски и глобални партнерства на НАТО, Џејмс МекКи кој престојува во Скопје го поздрави почетокот на преговорите, нарекувајќи го „историски момент“ за Македонија.

Тука сме да работиме на имплементацијата на одлуката што беше донесена на Самитот во Брисел, рече МекКи најавувајќи интензивен период на сериозни разговори со сите чинители вклучени во процесот на спроведување на подготовките за полноправно членство.

„Секако дека кога ќе се исполнат самите внатрешни процедури и откако одлуката ќе биде одобрена во националните парламенти на 29-те земји членки на НАТО, вашата држава ќе може да стане 30-тата земја членка на Алијансата. Согласно нашите минати искуства очекуваме целиот процес да трае осумнаесет месеци“, изјави МекКи.

Почнувајќи од денес, претставникот на НАТО најави низа разговори со различни министерства кои се однесуваат на потребните чекори за да станете 30-тата членка на НАТО. Тоа, објасни МекКи, опфаќа и дефинирање на политички, финансиски, и безбедносни аспекти, но и правни договори кои ќе треба да се потпишат.

„Ќе зборуваме и за низата реформи коишто веќе се случуваат во државата и оние реформи на кои ќе треба да работи Владата како дел од процесот за пристапување кон НАТО“, рече МекКи.

Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски изрази задоволство од како што рече брзата реакција на Алијансата да испрати делегација за отпочнување на пристапните преговори и да ја потврди политиката на отворени врати.

„Значи своите обврски тие имаат намера да ги исполнат, а ние треба да ги исполниме нашите обврски. МекКи ја предводи делегацијата која денеска со релевантни претставници на компетентните институции ќе разговара за различни прашања поврзани со пристапниот процес. Се разбира дека нема да разговара за политичкото прашање, договорот од Преспа кое е наша домашна задача, но ќе се разговара за се друго од воено-техничките прашања, па се до правно-финансиските импликации од нашето зачленување во НАТО,“ изјави Пендаровски.

Нашата цел е да покажеме дека и ние ги вреднуваме нашите заложби и сме подготвени да испорачаме резултати и да докажеме дека Македонија е подготвена за членство во НАТО, истакна Пендаровски.