„Македонија е корумпирана држава, живее на кредити“ – а бе, Бранко се јави, навистина се јави


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Бившиот македонски претседател и премиер, Бранко Црвенковски, ги искритикува актуелните власти во Македонија, велејќи дека постојано се повторува една мантра: дека друга алтернатива освен членство во Европската Унија – немаме, па прашува што во тој случај ќе направиме ние, за кои не постои план „Б“?

На свечениот собир на МАНУ за јубилејот од формирањето на современата македонска држава, тој ја повика Академијата, Универзитетот Кирил и Методиј, Стопанската комора и претседателот Стево Пендаровски да покренат таква иницијатива, да ги подготват документите и да им ги понудат на партиите, пренесува Дојче Веле.

Црвенковски предлага националната платформа да се фокусира на трите клучни проблеми во државата кои тој ги лоцира на следниот начин:

– Македонија е корумпирана држава.

– Македонија е внатрешно конфронтирана и поделена држава.

– Македонија е држава која живее на кредити.

Базата на корупцијата, според екс-премиерот и шеф на државата, е во политичките партии, односно во коруптивниот начин на кој тие се финансираат.
„Под итно треба да се донесе рестриктивен закон за потеклото на имотот, кој ќе важи за сите. Потребно е да се донесе и план за рационализација на администрацијата, во кој ќе се дефинира и политиката за надворешниот долг на државата, но и да се направи се земјава да ја оствари стратешката цел – да стане полноправна членка на ЕУ“, вели Црвенковски.

„Македонија е корумпирана држава, нема еднaквост пред законот, нема правда, нема доверба во судството. Во корумпирана држава нема квалитетно образование во кое дипломите ќе се заслужуваат, а нема да се купуваат“, вели Црвенковски. Тој смета дека земјата е внатрешно поделена и конфронтирана, не може да се изгради консензус за ниту едно прашање. Партиите не се гледаат како конкуренти, туку како непријатели коишто треба да се уништат, а изборите се доживуваат како гладијаторска борба.

Според него, Македонија е земја во којашто се живее на кредити, а има изрека која вели „којшто живее на кредити, умира на рати“.

Во обраќањето Црвенковски говореше и за сопствените „крупни грешки од минатото“. Една од најголемите, според него, е начинот на кој е спроведена приватизацијата на општествениот капитал во земјата и недоволната заштита на работниците-акционери во транзицијата. Сепак смета дека растот на невработените во тој период не бил резултат на приватизацијата, туку на бројните стечаи.

„Со ова искуство и со овој памет знам дека со сигурност тогаш работите би ги направил поинаку. Ни една одлука не беше донесена со лоши намери, негативните последици мора да се признаат и за грешките додека бев премиер носам целосна одговорност“, рече Црвенковски.

Осврнувајќи се на договорите со Грција и со Бугарија, и ветото со кое се блокира патот кон ЕУ, поранешниот претседател вели дека „ни беше најавено и гарантирано дека Преспанскиот договор ќе биде клучот што ќе ги отвори двете врати, но не е така“. Тој не става знак на еднаквост меѓу двата договори.

„Преспанскиот договор, кој не го сметам за добар и идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно прашање. Договорот со Бугарија, пак, ја отвори Пандорината кутија и отвори цела серија на барања, за коишто компромис не е можен“, укажува тој.

Во тој контекст, Црвенковски ја проблематизира, како што рече, „мантрата“ дека ЕУ нема алтернатива. Тој запраша што во случај ЕУ да одлучи да нема повеќе проширување, без разлика дали ние сме ги исполниле сите услови. „Дали тогаш ќе се самораспуштиме или самоукинеме? Што ќе правиме ние, за кои не постои друга алтернатива?“, праша Црвенковски.

Сепак, ни тој не гледа алтернатива ни на Исток, ниту на Далечниот исток. „Дали имаме сопствен капацитет, политичка волја и јасна визија да се одржиме и да се развиваме како самостојна држава и без членство во ЕУ“, прашува Црвенковски, оценувајќи дека ако сметаме дека „НАТО ќе не брани, а ЕУ ќе не храни, ниту ќе се одбраниме, ниту ќе се нахраниме“.

Во однос на економската состојба во државата тој оценува дека нештата се полоши од пред 10 или 20 години. Раст, според него може да се лоцира само во буџетот, кој секоја година расте, како и во бројката на вработени во администрацијата. Правејќи споредба, тој рече дека од 173.469 вработени во администрацијата, сега бројката достигна до 197.530 лица, што значи 24 илјади нови вработени во јавниот сектор во последните неколку години.

„Вака понатаму не може, овој балон ќе пукне“, рече Црвенковски кому ова му беше прво појавување пред македонската јавност по подолго отсуство.