Ломбардија и Венето мнозински гласаа за поголема самостојност


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Желба за поголема автономија во северноиталијанските региони Венето и Ломбардија – мнозинството избирачи на референдум се изјасни за поголема самостојност.

Целта на иницијаторите на референдумите во Венето и Ломбардија е добивање поголеми автономни права и поголема самостојност во односот со Рим. Според наводите на регионалните претседатели, јасно мнозинство од избирачите се изјаснило за повеќе автономност.

Во Ломбардија, според неконечните резултати, 95 насто од избирачите на референдумот рекле „да“, соопшти регионалниот претседател Роберто Марони. Одзивот на вчера одржаниот референдум е околу 40 насто. Во Венето, според наводи на властите, дури 98 насто од избирачите се за поголема автономија. Одзивот во овој регион е околу 57 насто.

Референдумите не се правно обврзувачки. „Целта е постигната. За нашиот Венето почнува нова историја“, оцени регионалниот претседател Лука Ѕаја на Фејсбук. Според него, гласањето се одолговлекло поради хакерски напад врз регионалната влада.

Ломбардија и Венето бараат поголема самостојност. Тие сакаат да си ги задржат парите кои доаѓаат од туристите во туристичките центри, како Верона или Венеција. Заедно, двата региона учествуваат со една третина во италијанската економска сила. Во регионите живеат околу 15 од вклуно 60-те милиони Италијанци.

Движечка сила на стремежите за автономија е партијата Лега Норд (Северна лига), чии членови се и двајцата регионални претседатели. Партијата беше основана за да го отцепи богатиот север од сиромашниот југ на Италија. Партиското раководство повеќе пати укажуваше дека референдумите ќе се изведат во рамките на Уставот и дека независност од Италија не е тема.