„Лицето“ на COVID-19: Каде е човечноста во целата приказна?


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Со должна почит кон сите, не сакам никого да осудам или да навредам во овој текст, бидејќи овие неколку збора се чисто мој личен став за случувањата во моментов кои се поврзани со коронавирусот COVID-19.

Во последниве неколку дена се чувствувам комплетно „изнемоштен“ од читање на најразлични ставови од квази експерти, односно од луѓе кои имаат одговор на се и буквално луѓе кои имаат проблем на секое решение и истото го произнесуваат на социјалните мрежи.

Прво, не сте претплатени на Фејсбук, Твитер или не знам каде и да пишувате статуси за моменталните случувања во држвава, без разлика дали тоа е коронавирус, чистење патишта и мал милион други проблеми.

Второ, пред да напишете било што читнете малку, бидејќи со тие ваши неколку збора кои сте ги сфатиле како што вие сакате, предизвикувате страв и паника кај луѓето, а сето тоа се одразува врз нивното здравје, па на крајот цената ќе се плати, но не со „валутата“ коронавирус.

Да се задржам на коронавирусот. Коронавирусот е „семејство“, а COVID-19 член, односно нова мутација која се шири премногу брзо и може да биде фатална за хронично болните луѓе или луѓе со послаб имунитет. Практично, вирус како вирус ќе помине, но овој COVID-19 често се одликува со некои потешки симптоми каде што за да се надвладеат е потребна и хоспитализација. Проблемот во оваа ситуација не е смртоносната бројка колку што е проблем тоа што ќе го „нокаутираме“ здравствениот систем.

Доколку се случи тоа, настапуваат рестрикциите во здравствените установи и се лечат луѓето кои имаат поголеми шанси да преживеат, а се останато, во смисла на обични прегледи, контроли би биле откажани, па вие ако си имате термин закажано за тоа што ве боли главата или ногата ќе почекате. Во превод тоа би значело, одите на болница вие, вашиот родител и вашето дете со COVID-19, а место има само за еден, тоа значи дека само вашето дете ќе биде спасено, а вие ќе „почекате“ некои подобри времиња. Во тоа е главниот проблем и за тоа се носат мерките кои се смислени од некои стручњаци за тоа.

Трето нешто кое тотално стана вирално е фамозниот руски лек „Aрбидол“, па „аздисавте“ по него. Лекот да, во упатството е напишано дека помага за коронавирус, но не е докажано дека помага и за COVID-19. Зар ако е тоа лекот, Путин кој секогаш е на страна на народот би дозволил да има 93 потврдени случаи? (бројката е точна за време на пишување на овој текст).

Четвртата категорија се oние со теориите на заговор. Е тука дефинитивно е најинтересно. Америка донесла војска во Европа која за жал никој не ја видел, но има и видео, а ако тоа видеo може да е старо и може да е снимано кој знае каде, ама војската е во Европа, па се спрема „нешто големо“. Кина го „направила“ вирусот за да предизвика нестабилност и да си ги купи акциите кои беа во сопственост на нерезиденти на таа земја. И да е тоа така, на некој начин Кина успеа да си го направи своето, ама вие со вашето тврдење и „знаење за акциите“ што придонесовте за моменталната ситуација?

Не придонесовте ништо, но затоа себично ги испазаривте средствата за дезинфекција од себичните фармацевти. Многу важно е вие да сте дезинфицирани и да имате залиха од геловите, маските и ракавиците, а другите со кои ја делите канцеларијата и кифлата нека фатат корона, па нека ви ја дадат и вас, бидејќи вие сакате да имате буквално се. Го испазаривте брашното за вие да се наситите, а како би биле сити и најадени БРЕ ако соседот или братучедот или братот ви е гладен? Грабате од маркетите како да таа залихата од тоалетна хартија вечно ќе ви трае и како да без тоа не се може. Кај ви е солидарноста да оставите и за другите? СРАМ! СРАМ! СРАМ!

Луѓе! Како и да е, што и да е, имаме вирусен, скапан и подол непријател кој им се заканува на нашите блиски, кој мора безусловно да го победиме, а притоа „војската“ (читај семејство) да ја зачуваме.

Економската штета ќе биде огромна дефинитивно, а најмногу ќе претрпат газдите од малите дуќани кои хранат фамилија, школуваат деца од тие неколку метри квадратни.

Затоа, наместо да ја „броите“ американската сила која дошла во Европа, наместо да предвидувате од каде Русија ќе биде нападната, наместо да грабате по маркети, наместо да „тресете“ глупости по социјални мрежи, сконцентрирајте се и направете нешто паметно, создадете хуман производ. Бидејќи од Господ ни е дадено да бидеме хумани и да помагаме колку што можеме.

Oва е ситуација која сепак не е секојдневие кај нас, па не е момент за да се надмудруваме, туку да бидеме сплотени, да бидеме солидарни и да си помогнеме колку што можеме повеќе.

Ќе издржиме другари!!!

Виктор Џими