Ликвидација со пукање во глава, палење на автомобилот – детали за двојното убиство во „Шиша бар“ под скопското кале


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Четири лица, во црна облека, маскирани со фантомски и вооружени, излегле од автомобил „Ауди А6“ влегле во кафулето Шиша бар под скопското кале, се претставиле како полицајци, се качиле на вториот кат и влегле во “мониторинг“ салата каде повикале „рација“ и испукале неколку куршуми, пренесува МКД.мк. Од истрелите две лица биле убиени на лице место, а едно е рането.

Убиени се Јетон Кривањева викан Жила и Енес Исеинов со прекар Лаци. Според некои информации до кои дошле медиумите станува збор за крвна одмазда која своите корени ги влече во претходни убиства во населбата Чаир.

По убиството, со „аудито“ четирите лица го напуштиле местото, а наскоро возилото било полиено со бензин и запалено, а за тоа сведочи само регистерската табличка.

МВР официјално потврди дека во Старата скопска чаршија има двојно убиство.

„Во СВР Скопје пријавено е дека во угостителски објект во Скопје неколку лица пукале кон Ј. К. и Е. И., кои починале на лице место, и кон А.Т., кој е пренесен во болница за укажување лекарска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“. се вели во официјалната информација на МВР.

Според болнички информации, ранетото лице било донесено со приватен автомобил и по интервенција врз прострелните рани на левото стопало и на десната потколеница е пуштено дома.