Кривичен ги изрече пресудите за „Титаник“ – за Јанкулоска и Јанакиески затворски казни, за Протоѓер условна затворска казна


Спасе Манев (Патувања низ Македонија): Ги откриваме скриените убавини на Македонија ↓↓↓


Скопскиот Основен кривичен суд денеска ги изрече пресудите за случајот „Титаник“, пренесува 360 Степени.

Четири условни и четири затворски казни беа изречени за осум лица – поранешни функционери во Владата и во ВМРО-ДПМНЕ, како и други обвинети лица кои на минатото судско рочиште решија да признаат вина во предметот „Титаник“ кој се однесува на кривични дела против изборите и гласањето за парламентарните избори во 2011 и локалните избори 2013 година.

Казните кои ги соопшти судечкиот совет на чело со судијата Осман Шабани се:

Гордана Јанкулоска – затворска казна од 2 години и 6 месеци
Мартин Протуѓер – условна казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело
Миле Јанакиески – затворска казна од 4 години и 6 месеци
Билјана Бришковска-Бошковски – условна казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело
Катерина Веловска – условна казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело
Киро Тодоровски – условна казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело
Мунир Пепиќ – затворска казна од 1 година
Коста Митровски – затворска казна од 3 години

По изрекувањето на пресудата, обвинителката Лиле Стефанова побара судот да определи мерка куќен притвор на Јанакиески поради опасност од бегство. Како отежнители околности наведе што тој веќе со првостепена пресуда има затворска казна за настаните од 27 април 2017 во Собранието и што се водат и други постапки против него, а како олеснителна ја посочи неговата здравствена состојба. Неговата одбрана реагираше дека нема потреба од таква мерка и посочи дека обвинителката не дала никаков доказ дека ексминистерот би можел да избега. Судијата Осман Шабани и судечкиот совет се повлекоа и рекоа дека одлуката дали ќе му одредат куќен притвор ќе ја соопштат околу 13:30 часот.

Гордана Јанкулоска која исто така доби затворска казна веќе се наоѓа во затворот во Идризово каде ја издржува затворската казна за Тенк. И Мунир Пепиќ кој доби едногодишна затворска казна се наоѓа во затворот во Штип каде издржува казна за настаните од Собранието на 27 април 2017. За Митровски, кој е четвртиот кој денеска доби затворска казна, пак, обвинителството не побара мерка за обезбедување.

Денешната пресуда е првостепена и одбраната на обвинетите има право да поднесе жалба до Апелацискиот суд за висината на казните. Кога Апелација ќе се изјасни за жалбите, кои најверојатно ќе ги поднесат барем дел од обвинетите, таа ќе стане правосилна.

„Титаник“ е првиот случај за кој своевремено, на почетокот на 2016, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) отвори истрага. По поднесувањето на обвинението првото рочиште беше закажано во април 2018, а по речиси четири години судења, на минатото рочиште на 11 февруари се случија и признанијата на вина. Во предметот вкупно се обвинети 21 лице, а признавањето вина од осумтемина следуваше откако за тоа се отвори можност со оглед дека судскиот процес започна од почеток поради промена на поротник во судечкиот совет.

Тоа го ценеше и обвинителката Лиле Стефанова, па го наведе како олеснителна околност кога на минатото рочиште во судницата се изјаснуваше за казните.

„Како јавен обвинител исклучително го ценам чинот кои овие лица го презедоа и дадоа признание за кривичните дека што им се ставаат на товар. Признанието само по себе е една голема олеснителна околност и сметам дека судот кога ќе ја утврдува казната да го цени признанието како олеснителна околност. Секој од присутните обвините има и свои и олеснителни и отежнувачки околности кои судот треба да ги цени кога ќе ја носи пресудата“, рече Лиле Стефанова на 11 февруари.

Таа тогаш речиси за сите побара условни казни, освен за Миле Јанакиески, но и за Коста Митровски кому не може да му се одреди условна за делото за кое е обвинет – уништување на изборен материјал. За нив, таа побара ублажување на санкциите.

За кои дела се гонеа обвинетите во „Титаник“?

Ексминистерката Јанкулоска со обвинението се гонеше за повеќе дела и презеде одговорност за: злосторничко здружување, повреда на избирачкото право и за повреда на слободата на определување на избирачите. При признавањето вина на минатото рочиште, Јанкулоска рече дека иако смета оти судската постапка не смее да се води со оглед на помилувањата од бившиот претседател Ѓорге Иванов, сепак лично смета дека треба преземе одговорност.

Миле Јанакиески и Мартин Протуѓер, пак, признаа вина за повеќето дела, освен за злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања – дело за кое ќе продолжи да им се суди.

Останатите дела кои му се ставаа на товар на ексминистерот за транспорт и врски, а за кои денеска доби затворска казна се: злосторничко здружување, повреда на слободата на определување на избирачите и уништување на изборен материјал.

Протуѓер, пак, призна вина и денеска доби казна за: злосторничко здружување и повреда на слободата на определување на избирачите.

Поранешната заменик-министерка за правда од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Бришковска-Бошковски, со обвинението се гонеше за фалсификување исправа и злосторничко здружување.

На тројца од останатите обвинети кои признаа вина и денеска им беа изречени казни (Катерина Веловска, Киро Тодоровски, Мунир Пепиќ), пак, им се ставаше на товар злосторничко здружување и повреда на слободата на определување на избирачите.

Меѓутоа, и за Бришковска-Бошковски и за овие тројца обвинети, делото злосторничко здружување застаре, па нивната казна се однесува само за по едно кривично дело.

Последниот обвинет, како што веќе споменавме, Коста Митровски, одговара за уништување на изборен материјал.