Кремљ порача: По референдумите во Донбас, Херсон и Запорожје нападот во овие области ќе се смета за напад на руска територија


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Официјален Кремљ за јавноста објави дека по референдумот за присоединување на сепаратистичките области Донецк и Луганск, како и регионите Херсон и Запорожје, кон Русија, овие територии ќе го променат нивниот меѓународно правен статус.

„По референдумот за пристапување на териториите на Донбас и на ослободените територии на Украина, нивниот правен статус драстично ќе се промени, што ќе има одредени последици за заштитата на граѓаните“, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.

На новинарско прашање, дали по референдумот ќе се подобри ситуацијата во овие региони и дали ќе има помалку гранатирање на Донбас, Песков одговори дека тоа зависи од украинската страна.

„Секако дека ситуацијата радикално ќе се промени од правен аспект, од гледна точка на меѓународното право. Со сите релевантни последици за заштитата и безбедноста на овие територии“, одговори Песков.

На прашањето дали ќе се донесе одлука за создавање на нов федерален округ, Песков рече дека Кремљ никогаш не најавува појава на такви претседателски декрети или кадровски решенија.

Референдумите во четирите украински региони под контрола на Русија – Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон за присоединување кон Русија почнаа во петокот, минатата недела.

До понеделникот вечерта, излезноста на гласачите беше 86,89 отсто во Донецк, 83,61 отсто во Луганск, 63,58 отсто во Херсонската област и 66,43 отсто во Запорожјската област, објави руската новинска агенција ТАСС.

Денеска е последниот ден на гласањето и единствен кога ќе се гласа на стационарни избирачки места, бидејќи теренската изборна комисија собираше гласови претходните четири дена.

Овие четири региони на истокот и југот на земјата претставуваат 15 отсто од вкупната територија на Украина и резултатите се сметаат за однапред одредени како увертира за анексијата.

Претседателот Владимир Путин може да го искористи обраќањето во двата дома на рускиот парламент закажано за в петок да прогласи припојување на окупираните украински територии кон Русија, објави британското министерство за одбрана.

Западот и Киев велат дека овие референдуми се незаконски, и остро ги осуди како обид за заземање украинска територија.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски упати порака до сите Украинци кои во моментов се наоѓаат на окупираните територии, порачувајќи им да направат се за да си го спасат животот и да помогнат во ослободувањето на земјата.

Лидерите на земјите од Г7 преку соопштение истакнаа дека тие никогаш нема да ги признаат овие референдуми, кои, како што велат, се чини дека се чекор кон руската анексија. Лидерите ги повикаа сите земји да ги отфрлат овие, како што ги нарекоа, лажни референдуми, кои се обид на Русија да ги прикрие прекршувањата на меѓународното право.

Осуда на референдумите и официјален став дека С Македонија нема да ги признае резултатите од нив стигна и од министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој вчера изјави дека „мора да се работи на објаснувањето на граѓаните кај нас за штетноста на руската агресија на Украина и што тоа значи за нашите национални интереси“.

Речиси истовремено со почетокот на реферндумите, рускиот претседател Путин минатата недела нареди и делумна мобилизација, поради што во земјата избувнаа демонстрации, а голем број Руси почнаа или се обидуваат да ја напуштат земјата. Тој објави дека по референдумот напад на тие територии ќе се смета за напад на руска територија.