Комисијата за политички системи втор ден расправа за законот за јазиците


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска треба да ја продолжи расправата за Предлог законот за употреба на јазиците, во прво читање.

Според образложението од Министерството за правда, основна цел за носење на законот е доследна примена на уставните амандмани во законскиот текст во однос на употребата и примената на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо. Воедно се регулира и употребата на другите јазици на кои зборуваат граѓаните од заедниците кои се помалку од 20 проценти.

„Определбата за евроатлантска интеграција на Македонија е нераскинливо поврзана со потребата за целосна примена на Рамковниот договор на што укажуваат и низа заклучоци на Советот на Европа. Досегашната практика покажа недоследност во примената и опфатот на постојната правна регулатива заради што е констатирана потреба од доуредување на материјата со која се регулира употребата на јазиците од кои причини Владата на РМ предлага нов закон за употреба на јазиците“, наведува предлагачот.

Од опозициската ВМРО ДПМНЕ, вчера, на првиот ден од расправата во Комисијата за политички систем, оценија дека Предлог законот е за употреба на јазиците е неуставен, како и дека со поставувањето на европското знаменце на законот парламентарното мнозинство сака да ја скрати дискусијата.

Зелено светло за законот за употреба на јазиците, во прво читање, минатата недела даде Комисијата за европски прашања.

Како што стои во образложението на Предлог-законот, на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо службен јазик е и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните и неговото писмо на начин утврден со овој закон. Во сите органи на државната власт, централните институции, јавните претпријатија, агенциите, дирекциите, установи и организации, комисии, правни лица што вршат јавни овластувања и други институции покрај македонскиот јазик и неговото писмо службен јазик е и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на РМ. За употребата на јазикот што го зборуваат помалку од 20 проценти од граѓаните во единиците на локалната самоуправа одлучуваат органите на единиците на локалната власт.

Со Предлог законот се предвидува граѓаните да имаат право да употребуваат кој било од наведените службени јазици и нивните писма и оти институциите имаат обврска да им го овозможат на граѓаните користењето, употребата и примената на тие службени јазици и нивните писма.

Со предложениот закон се уредува и употребата на јазикот од страна на избраните или именувани функционери во институциите наведени во законот, како и други институции чие седиште е во Скопје или општини во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот, во нивната службена комуникација го употребуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и писмото што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните. Меѓу останатото се уредува и употребата на јазиците во Собранието, во Владата, како и пишувањето на називите во институциите.