Актуелно

Кочанчанец осуден на една година поради сообраќајка во која загина една жена

Кочанчанецот Д.К. (40) е осуден на една година затвор за сообраќајна несреќа што ја предизвикал тој, а во која почина сопатничката.

Во Основниот суд во Свети Николе тој го признал делото тешки дела против безбедноста на луѓето во сообраќајот по што бил прогласен за виновен и му е изречена казна затвор од една година.

Сообраќајката се случи на 9 јули 2015 година, на магистралниот пат А3, на 18 километри од Штип во правец кон Велес, во близина на селото Сарамзалино, Овче Поле.

Обвинетиот Д.К. управувал автомобил Хјундаи со штипски регистарски таблички, при што во критичниот момент кога завршува асфалтната подлога и продолжува кршен асфалт туцаник, според пресудата, не ја приспособил брзината на движењето на возилото.

Тој го управувал возилото со брзина од 100 километри на час иако со поставениот сообраќаен знак брзината на движење била ограничена на 30 километри на час и не се придржувал на сообраќајните знаци Опасност на патот и Ограничување на брзината на 30 км на час.

Во тој момент излетал со возилото на левата страна на коловозот, од висина од два метри. Во несреќата на самото место почина сопатничката Жаклина А. (36) од Виница.

Advertisements
To Top