Катастрофален резултат на изборите за Каракачанов – партијата не освои ниту едно пратеничко место


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Партијата на Красимир Каракачанов, ВМРО-БНД, доживеа политички дебакл на парламентарни избори во Бугарија кои се одржаа вчера, освојувајќи околу еден отсто од гласовите, што значи дека останува без пратеничко место во новиот парламент.

Според излезните анкети кои ги објавија повеќе агенции за истражување на јавното мислење, ВМРО-БНД освоила помеѓу 0,9 и 1,2 отсто од гласовите на изборите, што е досега најлош резултат за крајнодесничарската партија, позната по негирањето на македонскиот јазик и нација.

Лидерот Красимир Каракачанов по гласањето денеска изјави дека гласал за „луѓе што можат да управуваат“.

„Гласав за луѓе кои можат да управуваат. Луѓе со карактер, а не креатури на разни надворешни економски или политички интереси“, изјави Каракачанов.

Аналитичарите велат дека голем дел од досегашните гласачи на ВМРО-БНД го дале својот глас за популистичката и проруска партија Преродба на Костадин Костадинов, која освои околу четири отсто од гласовите, што е прагот за влез во парламентот.

Излезноста, според Галуп, била 35,5 отсто, а 1,8 отсто од гласачите ја искористиле опцијата во електронските ливчиња – „Јас никого не поддржувам”.