Камчев секој месец „фаќа Ковид-19“


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Македонскиот бизнисмен Орце Камчев, обвинет во случајот „Плацови на Водно“, по вторпат во еден месец е позитивен на ковид-19, јави МИА.

Ова беше и причината да се одложи денешното рочиште на кое беше предвидено да се сослушаат повеќе сведоци.

Последното рочиште кога обвинетиот Камчев тврдеше дека има позитивен тест беше на 28 јануари 2022 година. Според одбраната на Камчев, тој ден пред тогашното рочиште направил брз антигенски тест за ковид-19 во „Систина“ и бил детектиран вирусот, но сè уште чекаше решение за самоизолација, па се појави во судница и седна сам на спротивната страна од другите присутни. Како што рекоа неговите адвокати, тој појавил симптоми по контакт со заболено лице.

„Согласно Уредбата на Владата предвидена е задолжителна самоизолација, а овие околности се познати и на јавниот обвинител, иако обвинетиот Камчев согласно Уредбата треба да е во самоизолација, а тој е присутен исклучиво по ценење на одбраната и негово лично, од причина што сè уште нема решение за самоизолација“, рече тогаш еден од неговите адвокати Гоце Ристевски.

Тогаш обвинителката Лиле Стефанова не веруваше во ваквите тврдења бидејќи рече дека Камчев заедно со адвокатите претходните две недели доаѓал во Обвинителството за да врши увид во доказите за истрагата „Империја“ каде што е еден од осомничените. Тогаш, според Стефанова, тој тврдел дека се тестирал и имал негативен резултат на вирусот.

„Тестот што е изготвен вчера покажува дека лицето имало некогаш контакт со вирусот, а не дека е позитивен на вирусот“, рече обвинителката на рочиштето на 28 јануари.

Во „Плацови на Водно“ првообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски кому му се суди во отсуство. Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милиони евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик односно Груевски. Во шемата на купување и препродавање на имот, според она што го соопшти обвинителството со поднесување на обвинителниот акт, вмешани се фирми со кои се поврзуваат дел од обвинетите, меѓу кои и офшор-компанија.

Покрај Груевски и Камчев, обвинети се и мајката на бизнисменот Ратка Куновска-Камчева, Сашо Мијалков, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ.

Груевски се гони за делата перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот. Камчев, неговата мајка, како и Новачевски и Јосифовиќ се товарат за перење пари, додека Мијалков е обвинет за помагање во делото перење пари.