Advertisements
Семејство

Како разводот на родителите влијае врз децата?

Разводот на бракот не е нешто што се планира, но ако односот меѓу сопружниците стане премногу тежок и штетен, разводот честопати е единственото решение, дури и кога се свесни дека таквата ситуација ќе влијае врз детето.

Кога се работи за децата и разделувањето на нивните родители, сигурно е дека децата ќе страдаат, а единствена возраст на која можеби најмалку ќе го сфатат проблемот е возраста до две, најмногу до три години. Сепак и двегодишните деца ќе забележат дека нешто се случува и ќе бидат свесни за промените на емоционално и на когнитивно ниво. Особено ако еднакво се приврзани кон двата родители.

Ако зборуваме за периодот по третата година, траумата секако ќе биде поголема затоа што децата тогаш имаат сеќавања и делумно можат да сфатат дека нешто се случува, а колку што е детето постаро, толку состојбата ќе биде потрауматична особено доколку детето е на возраст од околу 11 години. Дотогаш детето веќе проживеало десет години со двајцата родители, развило длабок однос со нив, ја сфатило важноста на семејството, но децата тогаш сè уште не се самостојни и премногу се егоцентрични, па секој проблем меѓу родителите што ќе биде поврзан со нивниот развод ќе го сфатат многу потешко, со повеќе интернализирани проблеми во кои спаѓаат повлекувањето во себе, соматски тешкотии, депресија. Но, како што веќе истакнавме, самиот развод не е најлошата работа на светот, дури ниту за деца на возраст околу пубертетот. Траумата станува полоша кога еден од родителите по разводот буквално престанува да биде родител. Тогаш децата најмногу страдаат затоа што им се чини дека со заминувањето на еден од родителите почнуваат да губат и еден дел од себе. Особено ако родителот одлучи да ги прекине контактите. Затоа родителите мора да знаат дека тие се единствените родителите на своите деца и дека разводот не ги прави помалку родители, туку само родители што живеат на различни адреси.

Стефанија Костадиновска, Христина Тодоровска
Студентки на Институтот за семејни студии, Филозофски факултет

Advertisements

Најпопуларно

To Top