Како можел 21-годишниот вработен во воена база да има пристап и да ги објави тајните американски шпионски документи?


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Не е првпат до јавноста да стигнат доверливи информации на американската влада. Но, актуелиот случај е посебен. Затоа што изворот не е шпион, ниту е свиркач како Едвард Сноуден. Според истрагата, зад објавените тајни владини документи стои 21-годишен припадник на армијата од сојузната држава Масачусетс, кој во една воена база работел за Националната гарда, пренесува Дојче Веле.

Џим Хајмс, член на парламентарната Комисија за надзор на работата на тајните служби е вџашен: „Имаме работа со 21-годишно дете кое се обидувало да ги импресионира своите пријатели, а не со врвни сајбер-шпиони на Пекинг или Русија“, изјави тој за Си-Ен-Ен. „Имаме многу работа пред нас за да го поправиме овој систем кој постојано дозволува протекување на информации.“

Министерството за одбрана веќе извлече консеквенции од случајот и во иднина ќе им дозволи пристап до тајни информации на помал број луѓе. „Тоа беше кривично дело со предумисла, кршење на правилата на работење“, изјави портпаролот Патрик Рајдер. Според него, ќе се осигура пристап до тајните информации во иднина да имаат имаат само луѓето на кои им е потребен пристап. „Секогаш учиме нешто од вакви ситуации и продолжуваме да истражуваме.“

Се вели дека 21-годишникот, кого некои го нарекувале „ОГ“, прво ги копирал тајните документи, а потоа ги фотографирал дома и ги објавил во чет-група со дваесетина членови. Групата била формирана во 2020 година, за време на пандемијата на коронавирус. Повеќето членови во групата биле тинејџери или млади мажи со интерес за видео игри, оружје и армија.

Весникот „Вашингтон пост“ објави дека во групата „ОГ“ е опишан како харизматичен љубител на оружје со мрачни ставови за американската влада, тајните служби и органите за кривичен прогон. „ОГ“ на групата ѝ раскажал дека до документите стигнал во воената база каде што работел. Таму, според неговите сопствени тврдења, делови од денот поминувал во обезбедени простории, каде биле забранети мобилни телефони и други електронски апарати со кои може да се прават фотографии. Затоа, прво ги препишувал документите и ги објавувал во групата во текот на целата зима. Според член на групата, „ОГ“ сакал со тоа „да се фали пред пријателите“, но и да информира. Член на групата за Вашингтон пост вели: „Мислам дека немал конкретна цел на ум со објавувањето на документите. Тој е критички настроен кон Владата, но тоа денес не е невообичаено за повеќето десничари.“

Кога препишувањето станало пренапорно, „ОГ“ почнал да објавува слики од претходно испечатени документи и со тоа се изложил на ризик, затоа што таквите фотографии им даваат информации на иследниците во случајот. „Њујорк тајмс“ пишува дека детали од внатрешноста на домот на родителите на 21-годишникот објавени на семејните фотографии на социјалните медиуми, се поклопуваат во детали со она што се наоѓа на маргините на фотографиите од објавените тајни документи.

На крајот на март, „ОГ“ престанал да објавува слики во чет-групата, наведува „Вашингтон пост“. Причината била што некој од кругот, чиј дел биле и корисници од Русија и Украина, на крајот на февруари ги постирал документите во друга група и со тоа го прекршил договорот за тајност. На почетокот на април, непосредно пред „Њујорк тајмс“ да информира за протекувањето на документите, „ОГ“ делувал очајно. „Рече дека се случило нешто и дека се моли на бога да не се случи ова“, цитира весникот еден малолетен член на групата.

Надлежните му влегле во трага на 21-годишникот по неколкудневна истрага. Полицајците го уапсиле во Масачусетс. На телевизиската снимка може да се види како претставници на ФБИ го одведуваат младиот човек во маица и шорцови. Тој сега се соочува со кривична пријава.

Според американскиот министер за правда Мерик Гарланд, обвиненијата со кои се соочува се неовластено земање, чување и пренос на доверливи информации. Во зависност од обвиненијата, на 21-годишникот, во случај на осуда, му се закануваат неколку децении затвор.