Иванов: Да се помолиме Бог да ни даде сила да истраеме пред искушенијата и надеж за подобро утре


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан и до сите православни верници.

Неговата честитка ја пренесуваме во целост:

Дозволете ми Вам лично, на членовите на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква, на ценетото свештенство, како и на сите православни верници во Република Македонија и дијаспората, да Ви упатам најискрени и најсрдечни честитки по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици.

Славејќи го крштевањето на Господ Исус Христос, го прославуваме нашето духовно раѓање и ја потврдуваме нашата вера. Со осветувањето на водите и објавата на Божјиот лик се осветува човековото живеење во верата и богоугодниот пат.

На овој голем ден треба да ги зацврстиме основите на нашето верување, да го зацврстиме нашето единство, да се почитуваме, да си помагаме, да продолжиме по патот на успехот и просперитетот на нашата татковина.

И годинава на Водици, да се помолиме Бог да ни даде сила да истраеме пред искушенијата и надеж за подобро утре.

Нека Бог ги чуе нашите молитви и во домовите на сите верници нека владее хармонија, разбирање и љубов, бидејќи само сплотени и единствени ќе успееме да чекориме по божјиот пат.

Честит празник и за многу години.