Исаја Вашингтон, познат по улогата на Престон Берк во „Вовед во анатомија“, откри дека повторно пронашол љубов по ненадејната смрт на сопругата.
„Во животот сум запознал многу неверојатни жени, но ниту една не може да се спореди со вистинскиот јужњачки шарм на @keibenet“, напиша 63-годишниот актер на Инстаграм во понеделникот, на 16 ноември.
Во објавата тој зборуваше за својата нова партнерка, Кеј Бенет, и за особините што ги цени кај неа.
„Таа има извонреден ум, срце и дух. Со текот на времето неизмерно ги засакав и ги почитувам нејзината интелигенција, дарбата за одгледување растенија, фризерскиот талент, претприемачкиот дух, холистичкиот пристап и деловната умешност како црна жена што води сопствен бизнис“, напиша тој. „Да, таа го заслужи своето место на мојата креативна маса и многу ја сакам. Мило ми е што сите мажи кои не се однесувале кон неа како кон кралица ја оставиле со скршено срце, но не успеале да ја скршат неа.“
„Не грижете се, отсега јас сум тука и никогаш нема да ја разочарам како пријател и партнер во љубовта и творештвото. Ниту една друга жена не ме насмеала и не ме охрабрувала како неа. Со Кеј Бенет нема шегување, а знајте дека и таа не дозволува никој да си поигрува со мене. Да… сега таа е само моја, а јас сум само нејзин. Помирете се со тоа. Наскоро очекувајте големи нешта од двајцата! Следете нè“, порача Вашингтон.
Актерот проговори за новата врска еден месец откако потврди дека неговата сопруга, Џениса Мари Гарланд, ненадејно починала минатата година.
„Да… гласините се точни. Мојата сакана сопруга, со која бев во брак 29 години, ненадејно колабираше на 31 мај 2025 година, а почина на 9 јуни 2025 година“, напиша тој на Инстаграм во октомври. „Тоа беше огромен шок за мене и за целото наше семејство. Доживеа тежок хеморагичен мозочен удар и никогаш не закрепна.“
Зборувајќи за загубата на животната сопатничка, Вашингтон упати и порака: „Слушајте, луѓе… некои главоболки не се само главоболки или мигрени. Може да бидат нешто многу посериозно и знак за предупредување. Ако можете, направете снимање на мозокот и сфатете ги тие главоболки сериозно.“
Тој додаде: „Ја нема веќе 13 месеци, но зад себе остави три неверојатни деца кои ќе го продолжат нејзиното наследство. Не знам дали оваа објава е соодветна, бидејќи Џениса Вашингтон многу ја чуваше својата приватност, но изгледа ќе морам да прифатам да ме искара од оној свет.“
Вашингтон зад себе имал краток брак и развод на 21-годишна возраст, пред да ја запознае Гарланд во 1995 година. Двајцата се венчале една година подоцна и добиле три деца: синовите Исаја и Тајм и ќерката Иман.
Во разговор за „Фокс њуз диџитал“ во 2022 година, актерот раскажа дека семејството му станало поважно од професионалниот живот.
„Бракот и децата во голема мера ми го сменија животниот правец“, рече тогаш Вашингтон. „Токму затоа пред 25 години не сакав да се оженам, но мило ми е што го направив тоа, бидејќи сопругата и децата навистина те прават најдобриот човек што можеш да бидеш.“
Извор: US Weekly