Home Мода и убавина Хемиски пилинг дома: Сè што треба да знаете пред да се впуштите во beauty револуцијата

Хемиски пилинг дома: Сè што треба да знаете пред да се впуштите во beauty револуцијата

Нема подобро чувство од она кога, по целосната нега на кожата, ја допираме и ја чувствуваме нејзината свиленкаста мекост.

Совршено чиста кожа, намалени пори и беспрекорен сјај – тоа е она кон што сите стремиме. Но, ако постои еден чекор во бјути рутината што може целосно да го трансформира тенот и да му даде здрав, освежен изглед, без сомнение, тоа е хемискиот пилинг.

Порано резервиран само за дерматолошки ординации, денес оваа луксузна процедура е достапна за сите, благодарение на иновативните формули што можеме да ги користиме во удобноста на нашиот дом. Но, пред да зачекорите во светот на киселините и третманите за пилинг, важно е да знаете како правилно да ги користите и кои грешки треба да ги избегнувате.

Зошто хемиски пилинг?

За разлика од класичната, механичка ексфолијација, која се потпира на абразивни честички за отстранување на мртвите клетки, хемискиот пилинг делува подлабоко, попрецизно и поефикасно. Овој метод користи корисни AHA и BHA киселини, како гликолна, млечна и салицилна, кои не само што го отстрануваат површинскиот слој на мртви клетки, туку и поттикнуваат регенерација на кожата, го подобруваат нејзиниот тонус, ги намалуваат брчките, несаканите промени и несовршеностите како акни и хиперпигментации.

Ако барате метод што ќе ја освежи, ревитализира и ослободи вашата кожа од уморен изглед, хемискиот пилинг е вашиот бјути сојузник. Најдобар период за негово користење? Од есен до пролет, кога сончевите зраци не се толку интензивни, што го намалува ризикот од хиперпигментација.

Кој може да користи хемиски пилинг?

Иако оваа процедура е вистински еликсир на младоста за многу типови кожа, таа не е погодна за секого. Дерматолозите ја препорачуваат за лица кои се соочуваат со:

  • нерамномерен тен,
  • фини линии и први знаци на стареење,
  • трагови од акни и нечистотии,
  • хиперпигментација,
  • проблематична текстура на кожата.

Меѓутоа, ако имате особено чувствителна кожа, склона кон црвенило, розацеа или егзема, задолжително консултирајте се со дерматолог пред да пробате каков било хемиски пилинг во домашни услови. Неконтролираното користење може да ја наруши природната заштитна бариера на кожата, што може да доведе до иритација и зголемена сензитивност.

Како правилно да се користи хемиски пилинг дома?

Пред да започнете со овој моќен третман, важно е да ја подготвите кожата за да избегнете можни иритации и да ги максимализирате резултатите. Еве неколку златни правила:

  1. Тест за чувствителност – Пред првата употреба, нанесете мала количина од производот на внатрешната страна од раката или зад увото и почекајте 24 часа за да видите дали ќе се појави реакција.
  2. Започнете со помали концентрации – Ако сте почетник во светот на хемиските пилинзи, одберете формули со помала концентрација на AHA/BHA киселини (5-10%) за да избегнете прекумерно лупење и иритации.
  3. Нанесувајте навечер – Бидејќи киселините можат да ја зголемат фотосензитивноста, најдобро е да се користат пред спиење, а наутро задолжително нанесете крема со висок заштитен фактор.
  4. Избегнувајте агресивни состојки – По третманот, не користете ретинол, витамин Ц, ниацинамид или други активни состојки што можат дополнително да ја иритаат кожата.
  5. Интензивна хидратација – После третманот, негувајте ја кожата со нежни, хидратантни и смирувачки производи богати со керамиди, хијалуронска киселина и пантенол.

Најчести грешки што треба да ги избегнувате

Иако хемискиот пилинг е еден од најмоќните сојузници за блескав тен, неправилната употреба може да направи повеќе штета отколку корист. Ова се некои од најчестите грешки:

  • Прекумерна употреба – Повеќе не значи подобро! Честото користење на киселини може да доведе до сушење, чувствителност и оштетување на природната заштитна бариера на кожата.
  • Недостаток на SPF заштита – По пилингот, кожата е особено чувствителна на UV зраците, а незаштитената кожа може да развие дамки и хиперпигментација.
  • Комбинација на несоодветни состојки – Мешањето на хемиски пилинзи со агресивни активни состојки може да предизвика црвенило, иритација и прекумерно лупење.

Дали хемискиот пилинг е вистинскиот избор за вас?

Хемискиот пилинг во домашни услови може да биде спектакуларен додаток во вашата бјути рутина, доколку се користи правилно и во согласност со потребите на кожата. Со соодветна подготовка, внимателно избрани формули и соодветна нега по третманот, можете да добиете тен што изгледа свеж, подмладен и сјаен – како да сте штотуку излегле од луксузен спа центар.

Без разлика дали сте љубител на минималистичка нега или бјути ентузијаст кој не испушта иновативни третмани, едно е сигурно – здравиот и негуван тен никогаш не излегува од мода!

Вчитај повеќе поврзани статии
Load More In Мода и убавина
Comments are closed.

Check Also

Рибарска естетика: Тренд што ќе го олесни преминот кон пролет

Во модата најмногу ја сакаме нејзината моќ да нè пренесе во некој друг свет, а најновиот т…