
Дали некогаш сте размислувале колку би било корисно кога би можеле една цела недела да ја посветиме само на одмор? Без обврски, без планови, без грижа на совеста дека „не правиме ништо продуктивно“?
Се чини дека Данците ја пронашле тајната на рамнотежата и ја направиле дел од својата култура. Концептот hygge ја опишува онаа топла, пријатна атмосфера што не исполнува со мир и чувство на сигурност. Но, Данците одат чекор понатаму – тие имаат специјален термин што ја опишува нивната неделна традиција на целосно опуштање.
Ајде да научиме како да ги направиме нашите недели малку повеќе hygge!
НЕДЕЛА = ДЕН ЗА ОПУШТАЊЕ (И САМО ОПУШТАЊЕ!)
Во Данска постои søndagshygge, што во превод значи дека неделата е резервирана исклучиво за релаксација. Тоа не е ден за планирање на следната седмица, завршување на обврските што не сме ги стигнале во текот на работните денови, ниту за генералка во домот. Наместо тоа, замислен е како време кога е сосема во ред да се леже на каучот со топол чај, да се чита книга, да се гледа омилена серија или едноставно да се ужива во тишина без никаков притисок.
Ако сакате мала промена на амбиентот, hygge духот поддржува и лесни прошетки во природа, но без брзање и притисок дека „мораме“ нешто да постигнеме. Клучот е во тоа да правиме само она што навистина нè опушта и ни ја полни енергијата.
УДОБНА ОБЛЕКА, ПРИЈАТНА АТМОСФЕРА
Се разбира, hygge атмосферата не би била комплетна без удобна облека. Данците имаат дури и посебен збор за тоа – hyggebukser. Тоа се оние најмеки и најшироки панталони што не би ги носеле надвор, но дома ги обожаваме.
За просторот да биде што попријатен, запалете свеќи (бидејќи Данците се познати по љубовта кон мекото осветлување), замотајте се во топло ќебе и направете си омилен топол напиток – чај, какао или жешка чоколада. Опуштената атмосфера е клучот на hygge искуството.
БЕЗ ЕКРАНИ – ИЛИ ТОКМУ СО НИВ?
Секој од нас има свој начин на опуштање. Некои уживаат да се оддалечат од телефоните и социјалните мрежи, да се посветат на книга или да уживаат во слушање музика. Други, пак, сакаат да се препуштат на binge-watching, гледајќи омилени серии без чувство на вина што го поминале денот пред екран.
Во Данска е позната и традицијата fredagshygge – петочно вечерно опуштање со филмови од детството и грицки. Неделата може да биде совршен продолжеток на овој ритам – ден кога си даваме дозвола да бидеме само во сегашниот момент, без стрес и притисок.
МАЛИТЕ РАДОСТИ НОСАТ НАЈГОЛЕМА СРЕЌА
Еден од клучните принципи на hygge филозофијата е едноставноста. Не мораме да организираме нешто големо за да уживаме – доволно е да се радуваме на малите, секојдневни задоволства.
Може да спремите домашни колачиња, да испечете пита или едноставно да уживате во чинија со свежо овошје. Ако сте во друштво, можат да бидат забавни и друштвени игри, долги опуштени разговори или дури и тивко уживање во иста просторија.
НЕКА НЕДЕЛАТА СТАНЕ ДЕН НА СРЕЌАТА!
Во забрзан свет полн со обврски, не е чудно што навечер нè погодува познатиот „неделен стрес“ – чувството на нелагодност додека размислуваме за понеделникот и сите задачи што нè чекаат.
Но, што ако го промениме пристапот и неделата ја гледаме како ден посветен на себеси? Можеби тогаш и почетокот на неделата би ни изгледал помалку застрашувачки.
Ајде да пробаме! Да ги оставиме обврските на страна и да си дозволиме ден на целосно уживање. Бидејќи вистинската среќа често се наоѓа токму во малите, едноставни моменти на hygge опуштање.