Хакерите кои го хакираа системот на Фондот за здравство бараат 20.000 биткоини откуп за да ги вратат податоците?


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Откуп од 20.000 биткоини бараат хакерите за да му ги вратат сите податоци на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), пренесува МКД.мк повикувајќи се на свои неофицијални извори од оваа институција.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека таков податок немаат. Според нашите информации во оваа институција е хаос за да се средат податоците, а наводно хакерите побарале огромни суми во виртуелна валута за да ги вратат сите податоци. Од Фондот, пак, уверуваат дека анализата на експертските технички тимови утврдила дека при сајбер нападот нема одлевање на податоци надвор од базите.

На 7 февруари хакери го пробија системот на податоци на ФЗО, а завчера од таму испратија известување дека техничките тимови работат во континутет за целосна функционалност на системот.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера откри дека се работи за хибридна војна која се води моментално во Европа.

„Се работи за напад со „ransomware“. Тоа е дел од хибридната војна која се води моментално во Европа, покрај класичната војна што се води во Украина со нападот од Русија. На вакви напади беа изложени голем број институции во голем број држави особено членките на НАТО. Имаше сајбер напади во Албанија и Црна Гора. Моментално тимовите на Министерството за здравство и ФЗОМ и други институции работат со експерти од Германија и од други партнерски држави за да се реши проблемот со хакерскиот напад во Фондот за здравство бидејќи моментално не може да функционира трезорот и исплатата на финансиските средства по различни основи. Вчера разговарав со министерот за финансии да се најде начин во наредните денови ќе имаат решение, но свесен дека вработените немаат земено плата и имаат кредитни картички, разговаравме да се направи исплата преку централниот трезор, а потоа порамнување со трезорот во ФЗОМ. Сега и Министерството за финансии е вклучено. Се работи за комплексна операција. Апелирам сите вработени во здравството и корисниците на услугите на Фондот да имаат трпение бидејќи вработените во Фондот деноноќно работат со цел проблемот да биде решен во корист на сите корисници. Преку вработените во ФЗОМ немаше застој на услугите, ги продолжија работните часови, ги сменија процедурите рачно да се процесираат барањата на осигурениците“, изјави премиерот Ковачевски.

Инаку, кога вo Македонија сe спроведуваше пописот на населението, од страна на Државниот завод за статистика беше посочено дека покрај теренско попишување, пописните податоци ќе се базираат и на вкрстено користење на бази на податоци од државни институции, при што базата на ФЗО беше посочена како најбогата со лични податоци, имајќи предвид дека речиси секој жител е заведен.

Фондот сега вели дека стапил во комуникација со јавните здравствени установи за да ја прибере потребната документација за исплата на плати за здравствените работници.

Но, платите за јануари, според најавите, ќе бидат префрлени следната недела.

Лекарите велат дека ако до понеделник не ја добијат платата, ќе излезат на протест.

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) вчера информираше дека во координација со јавните здравствени установи, се очекува потребната документација за исплата на плати да се прибере најдоцна до понеделник, а со цел во текот на идната недела да биде исплатата на платите.

Во меѓувреме, велат од ФЗО, ангажирани се стручни лица и од надвор за надминување на проблемот со системот поради сајбер нападот од минатата недела поради што доцни и исплатата на пари за породилни отсуства, за боледувања и рефунцирање на лекови.

Од Фондот велат дека ги користат сите расположливи капацитети и знаењата на сите внатрешни и надворешни ИТ експерти за кои постои правна можност, а со привремените решенија кои Фондот ги операционализира во кус рок, се надминуваат дел од проблемите, особено и се овозможува функционирање на системот во услови на сајбер напад.

„Во оваа прилика би сакале да ја искористиме можноста и повторно да потврдиме дека анализата на експертските технички тимови утврди дека при сајбер нападот нема излевање на податоци надвор од базите на Фондот. Воедно напоменуваме дека, во однос на исплатата на боледувањата, породилното отсуство и рефундацијата, со ставање на системот во целосна функција ќе бидат исплатени сите обврски на ФЗО кон осигурениците, но и кон здравствените установи. Подрачните служби на Фондот функционираат согласно препораките и во континуитет ги примаат барањата, а контролорите од ФЗО веќе и започнуваат со контроли на терен врзани со спроведувањето на сите споделени упатства и насоки за работење”, се посочува во соопштението.

Од Фондот наведуваат дека сите осигуреници непречено можат да се обратат до подрачните служби кои се достапни и телефонски преку јавно објавени линии за информации за осигурениците, и да добијат информации во врска со сите решенија кои се усогласени со матичните лекари, а преку кои осигурениците можат да ја остварат здравствената заштита.

„Фондот навремено и постојано ќе ја информира јавноста за сите нови утврдени информации кои се од интерес на граѓаните”, се посочува во соопштението.