Грузија денес ќе поднесе барање за членство во Европската Унија


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Грузија денеска планира да поднесе барање за влез во Европската Унија, изјави претседателот на владејачката партија во земјата.

Иракли Кобахиџе, на вчерашната на прес-конференција ја објави одлуката на владејачката партијата „веднаш да аплицира за членство во ЕУ“ .

Грузија планираше да ја поднесе апликацијата во 2024 година, но партијата одлучи да аплицира на забрзан начин поради променетата ситуација во светот.

„Ги повикуваме структурите на ЕУ да ја разгледаат нашата апликација во итен случај и да донесат одлука за доделување на Грузија статус кандидат за ЕУ“, рече Кобахиџе на прес-конференцијата во партиското седиште.

Грузија, рече тој, спроведе многу реформи кои ја доближија земјата до стандардите на ЕУ.

Од почетокот на руската инвазија, во Грузија се одржуваат ноќни улични собири, во знак на солидарност со Украина, но и поради гнев од одлуката на грузиската Влада да не се приклучи кон меѓународните санкции против Русија.

Владата во понеделникот одби да дозволи група грузиски доброволни борци да го напуштат меѓународниот аеродром во Тбилиси и да се приклучат на војната во Украина.

Во знак на протест, украинскиот претседател Володимир Зеленски го отповика својот амбасадор во Грузија.

Грузиската Влада стравува да не ја испровоцира Русија, која има воени бази во отцепените грузиски региони Јужна Осетија и Абхазија.

Но, грузиските власти се под притисок во земјата да покажат дека остануваат посветени на пристапувањето во НАТО и во ЕУ.