Актуелно

Груевски го обвини СДСМ за крвавиот инцидент во Собранието, повика насилниците да се изведат пред суд

Институциите да направат брза и ефикасна истрага за насилствата во Собранието, да ги откријат насилниците и да ги изведат пред Суд, повика рано утринава претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски на пресконференција во партиското седиште. Тој рече дека ги осудува насилствата кои ги направиле поединци и побара да не се ставаат во ист кош граѓаните кои мирно протестираат со оние кои вчера биле насилни.

Груевски ги обвини СДСМ и другите партии кои ги поддржуваат дека со обидот за незаконски избор на претседател на Собранието свесно придонесоа за зголемување на тензиите и се директен причинител на насилствата.

Алчноста за доаѓање на власт по секоја цена е директна причина поради која дојде до оваа несакана ситуација, рече тој.

Груевски вели дека во наредните денови партијата ќе ги објави своите следни чекори, но, како што рече тие остануваат на страна на народот, Уставот и националните интереси.

Повика да се прифати иницијативата на претседателот Ѓорге Иванов за средба на партиските лидери за да се најде излез од ситуацијата.

Само преку дијалог може да се најде излез, се друго води во хаос, вели Груевски.

Апелираше граѓаните да останат присебни, а политичарите да не преземаат мерки кои би предизвикале тензии.

Advertisements
To Top