Груевски: Да бидеме многу посуверени и понезависни!


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Бев студент и само што бев наполнил 21 година. Вечерта на 8 септември кога дојдов на плоштадот, тој беше веќе полн и во исчекување на резултатите од гласањето на референдумот. Додека стоевме и чекавме објавување на резултатите се сеќавам дека искоментарав дека всушност денес правиме држава. Ќе имаме своја држава- Македонија, гордо додадов, пишува меѓу другото во неделата на својот фејсбук профил поранешниот премиер Никола Груевски по повод денот на независноста на Република Македонија.

„Всушност формално правно ние имавме држава уште од 2 август 1944 година и ние тој ден на 8 ми септември 1991 година, само прогласивме независност.

Но, како дел од Југославија немавме чувство дека вистински имаме држава Македонија, барем не мојата генерација. Сите поважни одлуки се носеа во Белград, а истите такви кои се носеа во Скопје, претходно беа формално или неформално координирани или одобрени од Белград. Дејуре имавме држава, дефакто како да ја немавме или барем чуството ни беше дека немаме целосно своја држава.

Но тоа “дејуре” создадено со многу крв и жртви на 2 август 1944 година, всушност многу ни помогна на 8 септември 1991 година, при првата историска шанса, без човечки жртви, со една храбра влада и парламент, храбра партија ВМРО-ДПМНЕ и одлучна генерација Македонци и граѓани на Македонија да стане освен “дејуре” и “дефакто”- независна и суверена држава.

Во последните неколку години, ова “дефакто” пак е некако доведено под прашање, ослабнато, бледо, млитаво и прилично пропаднато. Не е како во Југославија, ама и не е како што личи на една вистински независна, но и суверена во носење на одлуките држава. Повторно чекаме некој друг да ни одобри за се и сешто, да ни каже како, кога и слично.

Разбирам дека само неколку земји во светот заради својата воена и финасиска сила, како и геостратешка доминантност имаат целосна и полна сувереност, додека останатите мораат да прават одредени компромиси, некој повеќе, некој помалку. Компромиси сме правеле и ние и пред нас, ќе прават и следните генерации. Но тоа има некои граници кои кај нас во Македонија повторно некако во овие речиси две и пол години, како веќе да ги нема.

Земјите членки на ЕУ кои иако дел од суверенитетот дури и формално го пренеле во Брисел, дури и оние помалите и економски и воено послабите, имаат далеку поголема “дефакто” држава во смисла на далеку поголема независност и сувереност споредено со Македонија, вистински “свои на своето”. И не се такви откако влегле во ЕУ, туку и претходно. Десет месеци живеам во земја членка на ЕУ и НАТО далеку понезависна и посуверена во носењето на одлуките на политичарите избрани од народот, од она што е Македонија во денешно време со оваа влада.

Од каде произлегува таа потреба за сѐ и сешто од некого да бараме одобрение или тој да ни ја донесе одлуката за нешто што на почеток и тој неочекува и е изненаден што му се обраќаме, но подоцна се навикнува па се лути ако биде прескокнат.

Не е вината кај нив. Кај нас е. Не можам да поверувам дека фактот што со векови некој друг владеел со нашите предци и до 1991 година и со нас, станало дел од “генетскиот код” кој го потиснува чувството на независност и сувереност дури и кога ја имаш во “сопствените раце”.

Нека ни е честит 8 ми септември, Денот на независноста! Нека е вечен празникот и нека е вечна Македонија!

Нека овој празник не потсеќа дека сме независна и суверена држава, дека треба да се стремиме кон поголема, а не помала сувереност и дека никој сосила нема да не тера да го практикуваме тоа, ако самите се трудиме друг да ја превземе одговорноста за одлуки кои треба сами да ги донесеме и за одлуки за нашата судбина. Да бидеме многу посуверени и понезависни. Барем онолку- колку земјите во чие друштво се стремиме да влеземе. Нашите сегашни сојузници, ќе ни останат сојузници, како и ние ним, но ќе не гледаат како позрела нација и нејзино водство, а нивните преставници интимно повеќе ќе не почитуваат.

Да бидеме суверенисти!

Да живее независна и суверена Македонија!“, се вели во пораката на Груевски.

https://www.facebook.com/NGruevski/posts/10157670478067716