Грижа за здравјето во период на бременост


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Здравјето на жената е важно од аспект на сите нејзини улоги: сопруга, мајка, ќерка, сестра, работник. Жената е лулка на едно семејство. Од неа започнуваат семејните корени. За секоја земја и општество од големо значење и интерес се идните генерации. Затоа денес, секоја земја има поставено системи на здравствена заштита и во најголем фокус ја става жената. Грижата за нејзиното здравје додека е бремена, како и грижата за нејзиното новороденче по раѓањето е примарна цел на здравствениот систем.

Раѓањето и грижата за новороденчињата и децата се дел од јавното здравство, поради особената чувствителност, но и големите загуби на животи низ историјата. Во минатото раѓањето претставува активност која била опасна по живот. Жените умирале додека се бремени од најразлични причини. Прегледите биле многу ретки, увид на сексуално преносливи болести не постоел, неконтролирана исхрана, голем број на абортуси, голема бројка на родени деца, лоши социоекономски услови. Оние жени кои ќе успееле да стигнат до породување, тоа го правеле во домашни услови и многу често се случувало поради компликации при пороѓај, да настапи смрт кај родилката или кај бебето.

За среќа, денес промените можеме да ги забележиме во многу сегменти. Еден од нив е и степенот на образование. Најголем процент од жените денес, го продолжуваат своето образование. Се едуцираат и школуваат и знаат како подобро да се заштитат и како правилно да се грижат за сопственото здравје. Позитивни промени можеме да забележиме и во достапноста на контрацептивните средства. Ако во минатото контрацепцијата била забранета и претставувала табу тема, па секоја жена која ќе посегнела по контрацепција била жигосана од ,,очите на другите”, денес тоа изгледа сосема поинаку. Денес жената е сопственик на своето тело и одлучува во свое име. Во минатото таа била робинка на мажот и нејзината желба и волја за раѓање не била важна. Денес контрацептивните средства се достапни скоро за секоја жена и со тоа се контролира бројот на раѓања, но и се намалуваат абортусите.

Редовни прегледи кај гинеколог

Подобрените медицински услуги, породувањето во болнички услови, редовните прегледи на гинеколог, го зачувуваат здравјето на жената како и здравјето на идните поколенија. Породувањето денес претставува процес на долга подготовка, која претходи на редовни месечни прегледи кај гинеколог и водење на мајчинска книшка. Секоја жена задолжително треба да оди на преглед за да има контрола во бременоста. Се следи нејзиното здравје како и здравјето на плодот.

Откажување од пороци и превенција на сексуално преносливи болести

Прв чекор кој жената треба да го направи за да донесе здраво дете на свет е да престане и да се откаже од алкохол, цигари и дрога. Следен чекор е историјата на сексуално преносливи болести. Доколку жената носи некоја сексуална болест, која не била контролирана, откако ќе остане бремена задолжително треба да преземи мерки за нејзино отстранување.  Најголем дел од сексуалните болести се лечат со третмани и терапии, но некои болести содржат и оперативни зафати.

Исхрана

Внесот на зеленчук и овошје, на витамини и минерали, протеини, јаткасти плодови, умерени количества на јагленохидрати, дополнување на исхраната со железо, витамин А, Б, Ц, Д и витамин Е. Многу често се случува жените да не внимаваат на количеството исхрана кое го внесуваат во бременоста. Напротив, исхраната треба да биде ставена под контрола. Во текот на денот жената треба да внесува повеќе оброци со нормално количество на храна. Оброците треба да содржат здрави состојки и многу витамини. Прејадувањето не треба да биде навика, ниту импулс на анксиозност. Жените често знаат да кажат: ,, па сега треба да јадам за двајца” , но тоа е сосема погрешно. Зголеменото и неконтролирано внесување на храна доведува до проблеми со дишење, прекумерена гојазност (дебелеење), таложење на маснотии, хипертензија (зголемен крвен притисок), кардиоваскуларни заболувања и сл. Сето тоа влијае негативно врз плодот и може да предизвика предвремено породување или потежок пораѓај.

Физичка активност

Физичката активност игра голема улога во животот на секој поединец. Но, особено значајна е во текот на бременоста. На секоја бремена жена, задолжително и се препорачува дневна физичка активност, најмалку 5 пати во неделата. Физичката активност треба да биде умерена. На пример 30 минутна дневна прошетка во најблискиот парк, лесни вежби за протегнување, престојување во природа кога е сончево, истовремено претставува можност за вежбање на техниките за дишење итн. Физичката активност прво ја регулира циркулацијата на крвотокот, а потоа придонесува до полесно породување.

Посета на школи за трудници

Посета на јога центри, школи за трудници, семејни советувалишта и сл. може позитивно да влијаат на трудниците. Идните мајки се едуцираат и учат за правилна пренатална грижа, психички се посмирени и подготвени го дочекуваат породувањето.

Весели и позитивни активности

На трудниците често им се советува да одбегнуваат стрес и стресни ситуации кои може негативно да влијаат врз плодот. Наместо конфликти и негативни мисли, пожелно е опуштање во топла вода, слушање пријатна и тивка музика, читање книги, цртање, интимно зближување и поврзување со партнерот.

На здравјето на жената влијаат и многу други фактори како што се: социоекономскиот статус, образованието, информираноста, општествената еднаквост, можноста за вработување итн. Жената е главен носител на примарната нега и заштита во едно семејство. Со правилна и редовна едукација, жената е физички и психички подготвена да роди здраво дете.

Елена Михајловска, семеен едукатор