Актуелно

Големи штети од невремето во прилепско

Невремето кое вчера зафати повеќе населени места од прилепско, зад себе остави катастрофални последици. Штети на земјоделските површини се направени во атарот на селата Канатларци и Ерековци, како во други населени места. Оштетени се нивите со тутун, бостан, житни култури и пипер.

„Вчерашното невреме кои беше проследено со пороен дожд и град направи штети во атарите на населените места Канатларци и Ерековци како и во другите населени места во овој регион. Најмногу се оштетени тутунопроизводителите, но штета има и во земјоделските посеви на житариците, бостанот и пиперот. Комисијата за проценка на штети од елементарни непогоди при Советот на Општина Прилеп е веќе формирана и уште од денеска, сите оштетени земјоделци може да достават барања за направената штета, а веќе од утре комисијата да излезе на терен и да направи проценка“, изјави градоначалникот Илија Јованоски.

Заедно со градоначалникот Јованоски, во посета на погоденото подрачје беа и раководителот на подрачната единица за земјоделство, Зоран Пачешкоски и претседателот на Комисијата за проценка на штети од елементарни непогоди при Советот на Општина Прилеп, Жарко Северкоски.

Пачешкоски рече дека Комисијата за утврдување штети е веќе излезена на терен и побара од земјоделците веќе од утре, во Општина Прилеп да доставуваат барања, имотен лист од нивите, копии од трансакциска сметка и лична карта.

„Од утре, треба во Општина Прилеп да достават трансакциска сметка, копија од лична карта и имотен лист. Се што може ќе направиме, за да бидете соодветно обештетени“, изјави Зоран Пачешкоски раководител на подрачната единица за земјоделство.

„Формирана е комисија за посебна проценака на штетите и како што веќе кажа градоначалникот Јованоски од денеска можат земјоделците да доставуваат барања во Општина Прилеп за проценка на штетите. Комисијата е веќе формирана и штом ќе излезе на терен ќе почне да прави проценки на земјоделските култури што се оштетени. Веднаш потоа се изготвува еден вкупен елаборат кој се испраќа до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Скопје каде се прават конечните проценки и се врши исплата за направената штета“, изјави Жарко Северкоски, претседател на Комисијата за проценка на штети од елементарни непогоди при Советот на Општина Прилеп.

Во моментот штетата не е утврдена, за што комисијата работи на терен.

Advertisements
To Top