Ѓорчев: Поразениот Зоран Заев сака да ја украде победата


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


По обраќањето на Зоран Заев, претставникот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев на прес-конференција порача дека победата на ВМРО-ДПМНЕ е јасна и кристално чиста и дека Заев не смее да помислува на сценарија кои можат да ја дестабилизираат земјава.

„Имаме јасна победа во гласови во изборни едници и тоа потврдена и констатирана. Зоран Заев доби се што бараше. Доби услови кои никој во светот не ги добил и граѓаните одлучија да го поразат него и неговата политика. Тие одлучија да ја задржат унитарноста и уставниот поредок. За тоа кој ќе ја состава владата не одлучува Заев туку граѓаните. Народот гласаше“, вели Ѓорчев.

Според него, лидерот на СДСМ на денешната прес-конференција се заканувал, кога апелираше до останатите партии да не коалицираат со Никола Груевски и да го слушнат гласот на народот.

„Нека води сметка дека се заканува на 453.000 граѓани на Македонија. Тие се народот, а тој гласаше и нема намера да му дозволат на Заев и грст луѓе околу него, да ја украдат демократски изразената волја на граѓаните на Република Македонија. Заев и тие околу него треба да знаат дека си играат со трпението и гневот на трпелив човек. Доколку некој се обиде да го украде тоа, трпението ќе премине во гнев“, рече Ѓорчев.

Тој потенцираше дека изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ ја верификувале меѓународните инситутции, ДИК и останатите земји со кои Македонија има билатерални односи.

„Во оваа нивна лакрдија имаат намера да ја носат Македонија таму каде што никој не сака. ДИК пред сегашноста и пред историјата треба да има интегритет. Таа треба да има јасен став. Знаеме дека изборите беа кристално чисти. Ајде да се заврши и во европски манир да си честитаме и да престане ова сценарио за подривање и дестабилизација. 453.000 граѓани нема да дозволат да им се украде победата“, порача Ѓорчев без притоа да одговара на новинарски прашања.