Германските разузнавачи го пресретнале и прислушувале клучниот разговор меѓу Пригожин и Лукашенко


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Разузнавачката служба на Германија (БНД) пресретнала телефонски разговор меѓу претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, и шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин, кој се одвивал за време на обидот за вооружен бунт на 24 јуни.

Новинарите од медиумската група АРД тврдат дека германските разузнавачи преку прислушување дознале за посредничката улога на белорускиот претседател. БНД, наводно, се сомневала дека Пригожин подготвува бунт и наводно се обидела да ја потврди оваа информација со сојузниците една недела порано, но безуспешно. Службата затоа не го известила германскиот канцелар Олаф Шолц за можноста од бунт на Вагнер, така што германското раководство првото предупредување го добило дури во петокот на 23 јуни.

Шолц претходно ја критикуваше БНД, истакнувајќи дека за разлика од американското разузнавање, германската служба „не знаела однапред“ за плановите на Пригожин. Тој нагласи дека верува оти е неопходно „да се разговара за активностите“ на БНД, која секогаш „се обидувала да ја следи ситуацијата“ во Русија.

АРД вели дека германското разузнавање било „прилично добро“ информирано за работата на приватната руска воена компанија Вагнер бидејќи наводно имала пристап до нејзините внатрешни комуникации. БНД почна да ги следи пораките и повиците на Вагнер уште во 2022 година, но тогаш еден од полицајците, Карстен Линке, ја информирал Москва за прислушувањето. Линке беше уапсен во декември во Германија под обвинение за предавство за соработка со руските разузнавачки служби.

Германската разузнавачка служба им соопшти на новинарите дека јавно не ја коментира својата работа и какви било заклучоци за нивните активности.

Евгениј Пригожин започна вооружено востание ноќта на 24 јуни, обвинувајќи ги силите на Министерството за одбрана за ракетен напад врз кампот на Вагнер. Тој го зазеде седиштето на Јужниот воен округ во Ростов и најави „марш на правдата“ кон Москва. Меѓутоа, вечерта на 24 јуни, кога колоните на Вагнер беа на 200 километри од главниот град, тој ги сврте и ги врати назад во логорите.

Лукашенко одеднаш се појави на сцената и го објави постигнатиот договор со Пригожин за прекин на кампањата против Москва, а Кремљ ќе го затвори случајот против него за организирање вооружен бунт и ќе му дозволи да се пресели во Белорусија со платеници.

Интервенцијата на белорускиот претседател му овозможи на Пригожин да избегне казна, вклучително и убиство на воени пилоти, чии хеликоптери и авиони беа соборени од членови на Вагнер за време на немирите.

Претставници на американските разузнавачки служби подоцна изјавија за Си-Ен-Ен дека знаеле за бунтот. Тие изјавија дека членовите на Вагнер однапред префрлиле персонал и оружје од Украина до границите на Русија, а изјавите на Пригожин за недостиг на муниција за операциите во Украина се „намерна дезинформација“.

Американските разузнавачи забележале и дека за подготовката на бунтот знаел и заменик-командантот на руската група во Украина, генерал Сергеј Суровикин, кој не е виден со недели.