Европската Унија планира да воведе регулација на цената на гасот и струјата

Со цел да се справи со високите цени на енергенсите Европската комисија планира прераспределба на профитот од производителите на енергија, на посиромашни потрошувачи. Денеска министрите за енергетика треба да дадат согласност.

Ситуацијата на европскиот пазар за гас и струја драматично е заострена. Цените експлодираат како последица на руската војна во Украина. Стабилноста на снабдувањето со струја следната зима може да е загрозена. Затоа министрите за енергетика на ЕУ се сретнуваат денеска (09.09.2022) заради, како што се вели во официјалната покана, разменување на мислења. Формални одлуки не се на дневен ред, но времето притиска. ЕК сака да добие мандат за да подготви мерки за европскиот пазар за струја и гас. Веќе следниот вторник претседателката на ЕК сака да претстави предлог со драстични мерки. Урсула фон дер Лајен тоа го најави неделава. Откако доверливи документи за дебатата во Брисел веќе беа објавени во медиумите, претседателката на ЕК одлучно самата настапи пред медиумите и предложи пет мерки за справување со енергетската криза. Неделава таа веќе лично им ги објасни предлозите на амбасадорите на 27-те земји членки, што е исклучително невообичаена постапка која покажува колку е сериозна ситуацијата.

Што предлага ЕК? Да се штеди енергија

Во шпицот на потрошувачката на струја наутро и навечер, ЕУ членките треба да се обврзат да ја намалат потрошувачката. Во шпицот мора да се пуштаат екстремно скапи централи на гас за да ја покријат дополнителната потрошувачка. Конкретна бројка Фон дер Лајен не наведе, но во кругови на ЕК се зборува за најмалку 10 проценти. Членките веќе се обврзаа во зима потрошувачката да ја намалат за 15%, но на доброволна основа. Унгарија комплетно одбива такво штедење. Спорно е дали сите членки ќе го прифатат штедењето енергија.

Придонесите за еколошка струја треба да субвенционираат сметки за струја

ЕК предлага како кочница за цените, компании кои произведуваат евтина соларна или енергија од ветер и вода, да плаќаат дополнителен придонес. Тие придонеси треба да ја покријат разликата меѓу евтината еколошка струја и скапата струја од гас. Досега врз основа на најскапо произведената струја, тоа во моментов е од гас, се пресметува цената и за сите други производители на електрична енергија. Придонесот значи би ја повлекол големата добивка од некои видови на производство на струја, кои пак настануваат само поради високата цена на гасот. Претседателката на ЕК вели дека „треба да се повлечат добивките за кои производителите никогаш и не ни сонувале дека може да ги имаат”. Таквите дополнителни приходи, државите потоа треба да ги распределат на посиромашни потрошувачи и компании во потешкотии за да им ги субвенционираат сметките за струја. Досегашниот систем на одредување на цената според најскапиот киловат час нема да биде променет, но добивките ќе бидат „исцедени”. Цената на струјата на дневна база ќе се одредува на европската берза за струја.

Даноци за прекумерна добивка за нафтените и концерните за гас

Компаниите кои во изминатите месеци имаа екстремно големи добивки поради експлозивно растечките цени на нафтата и гасот, треба да платат „солидарен придонес”, најави фон дер Лајен, која избегна да зборува за данок на прекумерна добивка, опис кој е спорен и во германската владина коалиција. Колку ќе биде висок тој данок и што ќе се случува со тие пари, не е прецизирано. Јасно е дека не може само „зелената струја” да биде предмет на дополнителни давачки. „Сите видови на енергија мора да дадат придонес за решавање на кризата”, вели претседателката на ЕК.

Да се одржи стабилноста на пазарот со струја

Рекордни цени при набавката на струја и понуда која станува кнап се вистински ризици за снабдувањето, предупредува чешкото претседателство со ЕУ. Затоа мора да се постигне поголема ликвидност на пазарот за да може комплицираниот јазол од краткорочни и долгорочни договори за испорака, опции и деривати и натаму да функционира. Европската централна банка треба да пумпа повеќе пари на пазарот, строгите трговски ограничувања треба да бидат олабавени, а некои деривати треба да бидат повлечени од пазарот, се вели во доверлив документ од чешкото претседателство со Европскиот совет. Банкротот на еден снабдувач со енергија во ЕУ не смее да предизвика бран од банкроти и проблеми кај банките, кои ја финансираат трговијата со струја. ЕК предлага на компании снабдувачи кои западнале во потешкотии да им се дадат кредити или државни субвенции. Правилата на ЕУ за таа цел треба да претрпат краткорочни измени.

Да се ограничат цените на гасот

ЕК се залага за горна граница на цената на малите количини гас кои се испорачуваат од Русија. Со тоа на Путин нема да му биде дозволено да постигнува сѐ поголеми добивки. ЕУ сега веќе само девет проценти од гасот ги увезува од Русија, во споредба со 40% пред само една година. Заканата од Путин дека нема веќе да испорачува гас ако се воведе ограничување на цената на гасот во ЕУ, фон дер Лајен ја отфрла. „Не треба тоа да нѐ потресува”, рече таа. 13 земји членки од ЕУ веќе сега не добиваат испораки на гас од Русија. Фон дер Лајен не ја исклучи ни можноста да има ограничување на цената за течен гас што се увезува од САД или Блискиот Исток, но додаде дека мора по тоа прашање да останат конкурентни со други земји кои исто така купуваат течен гас.

Дали земјите членки ќе ги прифатат мерките?

Претседателката на ЕК фон дер Лајен е убедена дека таквиот систем брзо и без голем отпор ќе може да биде спроведен. „За собирање на добивките како инструмент за итни случаи, краткорочно во кризно време, има законска основа на европско ниво”, потврди претседателката на ЕК деновиве на состанок на демохристијанската пратеничка група во Бундестагот. Но, Шпанија, Италија и Грција мораат да ги променат своите системи. Тие веќе имаат воведено данок на прекумерна добивка и деумно поставено горна граница за цената. Тие ќе мора да се откажат од таквите даноци, бидејќи придонесот што треба да се воведе во цела Унија за евтино произведената струја ќе го има истиот ефект. Олаф Шолц сигнализираше дека ќе се согласи со предлогот. Тој во говорот во Прага на 29.8. рече дека високите цени за струјата не може да се оправдаат. Се работело за насочено растеретување на граѓаните. Неколку дена подоцна Шолц нагласи дека се залага за брзо решение на ниво на ЕУ. Германија според него е подготвена и самата да преземе мерки, доколку тоа биде потребно. Претседателот на Франција, Макрон, наводно принципиелно ги поздравил предлозите на Комисијата, пишува весникот „Ле Монд”.

Дали и во иднина ќе се тргува со струја на ниво на ЕУ?

Комисијата, чешкото раководство и експерти од тинк тенкот „Бројгел” во Брисел се изјаснуваат за тоа да се задржи релативно дерегулираниот европски пазар на струја на кој прекугранично се купува и продава струја. Од една страна може само така да се обезбеди сигурноста во снабдувањето во сите земји членки, од друга страна само национално производство на струја би било поврзано со повисоки цени отколку што имаме денес, бидејќи тогаш секоја земја мора да располага со фосилни централи за основните и посебните потреби. Снабдувањето на Франција во моментив, без прекугранична набавка, би колабирало, бидејќи земјата поради дефектна атомска централа сега 12% од струјата ја увезува од Германија и Италија. Минатата година Франција беше голем извозник на струја и тоа повторно треба и да стане. Апелот што повеќе централи да се пуштат во погон е со цел да се зголеми понудата. Тоа важи и за германските атомски централи, од кои министерот за економија од Зелените, Роберт Хабек, само две сака да ги држи спремни за итен случај.

Еден отскокнува

Прашање е како Унгарија ќе се однесува во кризата. Премиерот Орбан како единствен премиер од ЕУ договори посебна цена за обемни испораки на руски гас со Кремљ. Во Унгарија цената на струјата во споредба со минатата година е и намалена, додека во балтичките држави е четирикратно зголемена.

Извор: Дојче Веле