Home Актуелно Европската комисија го сопре процесот на зачленување на Турција во ЕУ

Европската комисија го сопре процесот на зачленување на Турција во ЕУ

Европската комисија го усвои вчера Пакетот за проширување за 2021 година кој ги вклучува годишните извештаи за напредокот и спроведувањето на суштинските реформи на Западниот Балкан и во Турција.

Комисијата соопшти дека владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган е одговорна за ерозија на демократијата и владеењето на правото и дека ги занемарила препораките на ЕУ од минатата година.

„Во моменталните околности, преговорите за пристапување на Турција ефективно сопреа“, се наведува во соопштението.

Извештајот исто така прв пат сугерира дека Анкара повеќе не е сериозна во поглед на спроведувањето на реформите кои ги поддржува ЕУ, иако Ердоган во април повторно ја прифати целта на целосно членство во ЕУ, бидејќи двете страни се обидоа да ги подобрат заострените односи.

ЕК наведува дека постои сериозна загриженост во ЕУ во врска со постојаното влошување на демократијата, владеењето на правото, основните права и независноста на правосудството која не е решена, како и дека земјата постојано назадува во многу области.

Во својот извештај за 2021 Европската комисија ја доведе во прашање способноста на Турција да ги преземе обврските на членството и наведе дека Анкара ги продолжила реформите во областите од економијата до владеењето на правото на прилично „ад хок“ основа.

Анкара засега не реагираше на извештајот, а Турција во минатото порачуваше дека критиките на ЕУ за нејзините резултати се неправедни и несразмерни.

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…