Ердоган прогласи победа по вториот круг од претседателските избори во Турција


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Реџеп Таип Ердоган прогласи победа во вчерашниот втор круг од претседателските избори.

Сегашните неофицијални податоци покажуваат дека Ердоган, според 99,17 отсто преброени гласови, води со 52,08 отсто поддршка наспроти опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу, кој освои 47,92 отсто од гласовите, јавува Турската радио телевизија (ТРТ).

Ројтерс претходно објави дека претседателот на Врховниот изборен совет објавил дека Ердоган, врз основа на 75 отсто преброени гласови, води со 53,41 отсто поддршка од гласачите.

Според британската агенција, Ердоган рекол дека граѓаните му дале одговорност да владее во следните пет години, прогласувајќи ја Турција за единствен победник на изборите.

Обраќајќи им се на поддржувачите од покривот на автобус во Истанбул, Ердоган, кој ја води Турција две децении, им се заблагодари на граѓаните што гласале.

Излезноста беше 84,59 отсто.

Според податоците на сајтот на ТРТ, Киличдароглу освоил повеќе гласови од Ердоган во Истанбул, Анкара и Измир.

Избирачките места се затворени во 17 часот по локално време.

Ердоган претходно, по гласањето, рече дека се надева на висок одѕив на гласачите.

„Турција покажа одличен пример на демократија со учество на 90 отсто од населението во првиот круг. Верувам дека земјата ќе го стори истото денеска“, изјави Ердоган пред новинарите, а пренесуваат турските медиуми.