Епископ Давид Дремвитски: Да се запишат имињата од пратениците кои ќе гласаат за законот за родова еднаквост – да можат да бидат лишени од крштевки и венчавки


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Викарниот епископ на Скопската епархија, титуларно наречен епископ Давид Дремвитски, апелираше да се запишат имињата на пратениците во македонскиот парламент кои ќе гласаат за законот за родова еднаквост за Црквата да може да ги лиши од венчавки, крштевки, погреби. 

Ваква порака преку својот блог испрати викарниот епископ дремвитски г. Давид од Македонската православна црква (МПЦ-ОА), во пресрет на денешниот црковен собир против предлог-законите за матична евиденција и за родова еднаквост.

Тој оценува дека законското решение за родова еднаквост е „израз на најновиот вид анархија, продуцирана директно од државата, бидејќи таа не го слуша гласот на народот“.

Епископот вели дека ниту државата, ниту црквата нема ништо против правото на избор, но оти е недозволиво „насила да се наметнува стилот на живеење на некоја минорна група“.

Во продолжение ви го пренесуваме неговиот текст во целост:

Погледнато од историски аспект, непобитен факт е дека – анархизмот се врзува со христијанството! Веројатно не постои човек на когошто му е непознато дека меѓу првите политички теоретичари на анархизмот се наоѓа името на поранешниот англикански свештеник Вилијам Годвин. Би можело да се истакне дека анархизмот, условно речено, е роден во црквата, со единствена цел – заштита на нејзината автономија од државата, но и протест против политичката исцрпеност на црквата, предизвикана од државата! Многу подоцна тој добива сосема поинакви одлики и од тивка теорија, каква што дејствително бил на самиот почеток, анархизмот прима насилен облик, со цел да го менува политичкиот систем, за кој се цени дека е гнил и оттуѓувачки за човекот.

Важно е да се истакне дека во западната мисла, првото безусловно теоретско разликување на две сфери: црква и држава, го среќаваме кај Тома Аквински. Денес, дури и да се сложиме дека е возможна економска и надворешно-политичка еднообразност на политичкиот систем кон кој стреми државава, исто толку, а и повеќе, би требало да сфатиме дека културолошката унифицираност води во целосно исчезнување на особените одлики и на неповторливата красота на одредени културно-уметнички средини. Токму затоа, за разлика од Аквински, на Истокот, големиот и учен константинополски патријарх Фотиј во неговите дела предложува образование и педагогија за владетелот. Имајќи предвид дека поимот на злото е присутен и во државниот апарат, владетелот не смее да си допушти да помисли дека целта ги оправдува средствата и да смета дека може да го измами народот!

Поаѓајќи од фактот дека, се разбира не сите, туку одредени денешни политичари се водат според макијавелистичките принципи согласно кои политичарот е над доброто и над злото, та од таму му происходи и правото да говори лаги, да ги ликвидира политичките неистомисленици и да ја обликува државата според својата искомплексираност и фрустрации, изгледа сосема очигледно дека најновиот вид анархија е рожба токму на државата.

Пример за реченото е новиот предлог закон за родова еднаквост. Ако не сега, повеќе од сигурно тој закон кога-тогаш, ќе треба да биде гласан во републичкото Собрание со своевидна државна анархија. Во спротивно, зошто токму за тој, очигледно чувствителен закон, на пр. државата не одлучи да ги праша граѓаните на референдум, да го чуе и да го уважи нивното мнозинско мислење (се разбира, откако претходно детално ќе им го објасни значењето на законот)!

Да не постои погрешно разбирање, црквата никогаш не ги осудува и не е против луѓето, кои имаат некаков свој, помеѓу останатото и сексуален избор. Тоа е нивен личен избор, кој се однесува на нивната совест. Истовремено, црквата одлучно смета дека тие луѓе не смее да бидат подложени на дискриминација или на казни!

Од друга страна, пак, не е возможно да биде дозволен еден специфичен вид на „апартхејд“, поточно едно издвојување на било каква минорна трансродова група, која на тоталитаристички начин ќе му го наметнува својот стил на постоење на севкупното општество. А, новиот предлог закон за родова еднаквост го има токму трансхуманизмот како своја појдовна точка: се искоренува досегашниот модел на човек со сето негово достоинство и историја, и, се воведува нов модел на човек, кој лебди на површноста од своето постоење!

На крајот на краиштата, христијанскиот модел на човек секогаш подразбира сопостоење со другиот, кој и да е тој, додека пост-човечкиот модел ја подразбира слободата единствено како целосна ослободеност од другиот, како поништување на различниот!

Постои уште еден факт: нашето општество е секуларно општество и институционалната црква нема право да донесува закони во Собранието! Доколку одредени пратеници во Собранието го изгласаат скандалозниот закон за родова еднаквост, сите ќе бидеме должни да го почитуваме. Истовремено, заради споменатата секуларност, црквата има свои внатрешни правила, кои можат да бидат педагошки и ненаметливо да им понудат образование на оние, кои ќе сакаат да го примат по сопствен слободен избор.

Затоа, ќе треба внимателно да се запишат имињата и презимињата на оние народни пратеници, кои евентуално би кренале рака за спомнатиот закон за родова еднаквост, поточно – закон за дехуманизација!

Потоа, црквата, секако доколку посака, може да размисли и да одлучи, пратениците, кои би го поддржале законот, кондиционално да ги лиши од сите свештенодејствија, кои тие, очигледно само од адет, би милувале да ги прават. Значи, доколку се декларираат како христијани, тие пратеници би биле лишени од крштевки, венчавки, погреби и сите други богослужби, кои го сочинуваат свештенотаинскиот живот на црквата, барем до мигот кога јавно ќе се преумат.

На тој начин, не само поединци, туку сите заедно како општество, хармонично, еманципирано и без анархија, во мир и целосно меѓусебно почитување, ќе можеме да ги уживаме благодетите, кои ги нуди секуларното општествено уредување.

Професорката Мирјана Најчевска, пак, вели дека ова е црковна мафија.

„Ова во духот на христијанството, и она нека фрли камен тој што не грешел, и сврти го и другиот образ, и сакај го ближниот свој, и само Бог казнува, и сите сме Божји деца и…

А можеби кога веќе имаме ваква агресивна црква во Собранието да бидат само некрстени како мене, кои не се зависни од црковната мафија“, порача таа на својот фејсбук-профил.

Меѓу другото, таа се повикува и на статусот на Давид Тасевски, психолог и директор на Квир-центарот, кој коментира дека има закана само кон пратениците, но и кон поддржувачите на законот.

„Закана само кон пратениците, но не и кон поддржувачите на законот. Пресметката вика дека доколку ја прошират листата, ќе страда бизнисот, а со тоа и доградбата на зградите спроти ГТЦ и возните паркови. МПЦ не дискриминира кога се пари во прашање“, вели тој.

Меѓу другото, Најчевска вели дека е антиатеист зашто основното дејствување на црквата е стравот.

„Затоа што основен модус на дејствување на црквата е стравот. Црквата промовира страв од голото човечко тело, од човековата сексуалност, од различноста, од еднаквоста, од знаењето, од развојот, од побуната, страв од власта и од Бога. Џабе е опаковката наречена љубов. Таа се користи само да ги залаже муштериите“, додава Најчевска.

Македонската православна црква-Охридска архиепископија, денеска, во 18 часот, организира сенароден собир во знак на протест поради односот на власта кон нивното барање за повлекување од собраниска процедура на предлог-законите за матична евиденција и за родова еднаквост бидејќи ги сметаат за сериозна закана за општеството, а особено за неговата основна клетка – семејството.