Димитров: „Бугарија го прекрши членот 2 од договорот кој предвидува дека Софија ќе ни помага, а не да ни одмага за влез во ЕУ“


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Македонскиот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров вели дека Бугарија го прекрши Договорот за добрососедство, односно членот 2 кој предвидува дека Софија ќе ни помага на европскиот пат, нема да ни одмага, најмалку, пак, ќе нѐ блокира. Димитров денеска, одговарајќи на новинарски прашања за односот со Бугарија, рече дека е потребна заемна почит и не може да има напредок во атмосфера на уцени.

„Во принципот на Договорот за пријателство со Бугарија беше владите, политичките лидери да се занимаваат со сегашноста и со иднината, а историчарите да се занимаваат со историјата. Тоа што политиката може да го прави е да создаде поволна клима – општествата, академските кругови, членовите на комисијата за историски развојни прашања да разговараат слободно и отворено. Тоа што се случи е – односот се измести, бидејќи Бугарија го прекрши членот 2 од Договорот, кој зборува дека Софија ќе ни помага на европскиот пат, нема да ни одмага, најмалку, пак, ќе нѐ блокира. Ние доживеавме две вета, доживеавме и проблематизирање на нешто што е многу внатрешно, нашиот јазик – македонскиот јазик на европско ниво и во таа смисла овие чекори го направија вистинскиот искрен дијалог многу тежок. Тоа е главниот проблем во овој момент. Ние ќе продолжиме да настојуваме да го решиме тој проблем. Колку повеќе ќе има доверба и почит кон другиот и прашањата што се важни за другиот толку полесно ќе оди дијалогот за сите прашања што се важни за двете страни“, рече Димитров.

Тој на дополнително прашање посочи дека голем проблем за напредок и во разговорите околу историјата и во разговорите за другите теми каде што имаме разлики е атмосферата на уцена.

„И македонскиот народ и бугарскиот народ и многу други балкански народи имаат една изрека која вели ‘сосила нема убавина’. За вистинска блискост и за вистински напредок не може да стане збор ако опстане оваа атмосфера на уцена. Мора да има меѓусебна почит, мора да има поголемо разбирање на чувствителноста на другиот. Не може да се создаде блискост и пријателство без таква елементарна почит и никако не може да се создаде блискост и пријателства кога се уценува“, рече Димитров.