Џамбаски повторно „си излезе од кожата“ – овој пат заради договорот со Фронтекс кој го потпиша Македонија


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Претставникот на ВМРО-БНД во Европскиот парламент, Ангел Џамбаски, денеска ги нападна политичките партии во Бугарија ДПС, ГЕРБ, Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија поради потпишувањето на договорот со Фронтекс меѓу Европската Унија и Македонија, кој беше потпишан вчера на македонски јазик за време на посетата на претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен на Скопје.

Џамбаски во објава на Фејсбук ги обвини бугарските политички партии кои обезбедија пратенички места во новиот парламент на земјата дека дозволиле легитимирање на „лагата македонски јазик“.

„Вчера Урсула фон дер Лајен и Димитар Ковачевски потпишаа договор за управување со границите. Се потпиша и на ‘македонски’, без фусноти, без посебни мислења. Ова го потенцира и претседателката на ЕК дека договорот е потпишан на македонски, како што вети“, вели Џамбаски во објавата на која е додаден линк од фесјбук-статусот на поранешниот македонски премиер Зоран Заев.

Македонците, вели Џамбаски, сега слават поради неуспехот и нихилизмот на овие 170 претставници кои, според него, ги отпишале бугарската историја, јазик и култура.

„Браво Борисов, Петков, Иванов и Карадај. Влеговте во историјата, покрај Георги Димитров, Кимон Георгиев, Трајчо Костов и другата комунистичка ништожност. Тие, како тебе, направија се за да им угодат на странските господари и да ја пречкртаат светата кауза на Бугарите со генерации – Македонија. Не е изненадување. Вие сте нивни достојни наследници и проекции. Срам и срам што дозволивте Македонците да се гостат на сметка на бугарската чест и достоинство. Плукате по случајот на Климент Охридски, браќа Миладиновци, проф. Лубомир Милетиќ и сите познати и непознати Бугари кои придонеле за развојот на бугарската култура и јазик, кој веројатно наскоро ќе испадне `македонски`. Засекогаш ќе владее срамот над предавниците на бугарската кауза!“, напиша Џамбаски.

Тој, во статус на социјалната мрежа, објавен вчера се осврнува и отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград прашувајќи: „Се подготвува ли македонска провокација во Пиринска Македонија?“

„Предвидено е отворање на македонски културен клуб ‘Никола Вапцаров’ во Благоевград. А на отворањето најверојатно ќе се појави бугаромразецот, расипникот на дивиот антибугарски македонизам, Христијан Мицкоски. Неприфатливо е лице кое користи јазик на омраза против Бугарија и Бугарите, лице кое го нарекува Договорот за соседство „отровно овошје“, го негира постоењето на бугарска заедница во Македонија и е против нејзино вклучување во Повелбата како рамноправна легитимен дел од северномакедонското општество да дојде во Пиринска Македонија и да сее сепаратизам и омраза“, вели Џамбаски.

Тој ја коментира и изјавата на премиерот Димитар Ковачевски, пред неколку дена во која вели дека отворањето на културни центри меѓу државите е начин на којшто се зближуваат како држави, како институции и како граѓани.

Европратеникот, познат по контроверзните и негаторски изјави кон земјава вели оти очекува јасни конкретни одговори од кабинетот на техничкиот премиер на Бугарија, Галаб Донев.

„Кој е имотот и кој ќе ги администрира активностите на Македонскиот културен клуб ‘Никола Вапцаров’? Дали има доставени информации и барање од официјалните власти на Македонија за отворање културен клуб во Благоевград? Дали е вистина дека во организацијата на Македонскиот културен центар учествуваат лица поврзани со сепаратистичките организации ‘ОМО Илинден’ и ‘ОМО Илинден – Пирин’?“, прашува европратеникот Џамбаски потенцирајќи дека е неприфатлив да се отвора клуб во срцето на Пиринска Македонија за да сее сепаратизам и антибугарски тези.
Европската Унија и Македонија вчера во Скопје за време на официјалната посета на земјава на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, го потпишаа договорот со Фронтекс, кој извесен период беше блокиран токму од Бугарија поради прашањето за јазикот.