Деветмина полициски службеници уапсени во полициската акција за аферата „Мафија“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Девет лица, сите деветмина полициски службеници, беа уапсени денес, во рамки на полициската акција за апсење на инволвирани лица во аферата „Мафија“ за издавање лични исправи со лажни идентитети на балкански мафијашки шефови, која го тресе МВР.

Тие биле дел од мрежа за која постојат сомневања дека фалсификувала пасоши и лични карти кои потоа им биле давани на членови на балканското подземје. Од полицијата само потврдуваат дека се спроведува полициска акција, а деталите ги најавуваат за подоцна. Скандалот вчера на брифинг го обелодени ВМРО-ДПМНЕ, а според нивните документи, еден од босовите на турската мафија, Седат Пекер, има македонски пасош и лична карта со име Џадин Адемовски. Според документите тој живее на улица Ќемал Сејфула број 22/1 во скопската населба Чаир, а според избирачкиот список има право на глас. Сепак, зградата во која наводно живее Седат Пекер, не може да се најде, нешто за што полицијата треба да даде детали – дали станува збор за фиктивна адреса или за друго лице?

Полицијата денеска правeше претрес и во своите редови, поточно во канцелариите каде што се издаваат патни исправи и лични документи.

Во меѓувреме, денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски обвини дека подземјето од регионот е во тесна соработка со највисоките структури на нашата држава.

„Ваков случај на афера не можел да се случи без знаење на највисоките структури на власта. А, ако не знаеле за тоа, тогаш, тие комплетно ѝ ја предале власта на мафијата. И ова не треба да заврши формално со соопштение од министерството за внатрешни работи дека апси и при што ќе паднат некои ситни риби и службеници, да не ни ја навредуваат интелегенцијата. Ова не било возможно без највисоките структури на власта да знаат…“, рече Мицкоски.

Според она што вчера го брифираа од ВМРО, околу 200 криминалци од Балканот, Јужна Америка и Азија добиле македонски документи. Меѓу нив, наводно е и шефот на црногорскиот клан наречен „Шкаљарски клан“, Јован Вукотиќ, со лажен идентитет како Георги Андонов, издаден во СВР Скопје во 2017 година.