Актуелно

Денес започна теренската вакцинација против морбили – заразени над 1.000 луѓе

Денес започна теренската вакцинација против мали сипаници во училиштата. Во местата, пак, каде што немаше услови за почеток на оваа превентивна акција, истата ќе започне од понеделник. Според податоците на здравствените власти околу 22. 000 деца во земјава се во ризик да се заразат со мали сипаници, бидејќи се невакцинирани, a 1.060 се заразени.

Процентот на вакцинација со МРП вакцината е се уште мал за да се создаде колективен имунитет и да се сузбие епидемијата на морбили, велат од министерството за здравство, пренесува Телевизија 24.

„Или луѓето ќе се вакцинираат или имаат исклучително висок ризик да заболат од морбили, со оглед на тоа што е исклучително голема вирулентноста на предизвикувачот. Колку повеќе луѓе се вакцинираат во следниот период, за толку побрзо време ќе заврши епидемијата“ – вели Венко Филипче – Министер за здравство.

Од почетокот на годинава до сега пријавени биле две несакани реакции од МРП вакцината. Но, лекарите велат дека станува збор за вообичаени реакции и уверуваат дека вакцината е безбедна.

„За 2018-та вкупно пријавени беа само три случаи. Станува збор за исклучително безбедна вакцина која што не јавува никакви проблеми кај децата. Тоа треба да го знаат родителите и да бидат сигурни и во квалитетот и во безбедноста на вакцината“ – рече проф. Д-р Александра Грозданова – претседателка на Комитет за имунизација

Дали учениците кои не се вакцинирани ќе бидат вратени од училиштата – здравство и образование и натаму со спротиставени изјави. Додека од министерството за образование рекоа дека можат само да препорачаат, министерот Филипче останува на ставот дека ќе се забрани невакцинирани деца да се примаат во сите училишта.

„Тоа ќе биде во форма на стриктна забрана, бидејќи само така може да го постигнеме ефектот. Сега продолжуваме со теренската вакцинација и повторно ќе има средба мултисекторската група за да видиме дали треба да се направат некои законски измени“ – смета Филипче.

Од почетокот на епидемијата во Скопје, која беше прогласена во декември, до сега заболеа над 1.000 лица со морбили, а три деца починаа како резултат на компликации од заразата. Здравствените власти најавија дека од јуни децата задолжително ќе треба да примаат уште две нови вакцини, против пневмококна бактерија и рота вируси.

Advertisements
To Top