Демократите во Хонг Конг со надмоќно мнозинство на локалните избори


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На локалните избори кои се одржаа во Хонг Конг, а кои ги одбележа рекордна излезеност на број на гласачи, демократските кандидати освоија надмоќно мнозинство. Овие резултати следуваат по шест месеци антивладини протести, што го зголемува притисокот брз градската лидерка Кер Лам да ги послуша продемократските барања.

Продемократите низ градот од 7,4 милиони луѓе обезбедија речиси 90 отсто од местата во советот со 452 члена, и покрај финансиски јаките проестаблишментски кандидати.

Ова се први избори од почнувањето на продемократскиите протести во јуни, а ги одбележа рекордна излезност на гласачите. Одзивот надмина 70 отсто, соопшти изборната комисија, што е значително повеќе од 2015 кога излегле 45 отсто. Изборите минаа мирно.

Лам изјави дека владата ги почитува резултатите и сака мирна и безбедна ситуација.

„Различни се анализите и толкувањата во заедницата околу резултатите, а добар дел од луѓето сметаат дека го одразуваат незадоволството на граѓаните од сегашната ситуација и длабоко вкоренетите проблеми во општеството“, кажа таа.

„Ова е силата на демократијата. Ова е демократско цунами“, кажа Томи Ченг, поранешен лидер на студентските протести кој освои место во округот Јуен Лонг, во близина на административната граница со Кина.

Меѓу победниците е и кандидатот на Граѓанскиот фронт за човекови права кој организираше некои антивладини собири, Џими Шам, кој порача дека излезноста треба да биде знак до владата да ги слушне нивните гласови.

„Ова е победа за жителите на Хонг Конг“, кажа Шам кој минатиот месец беше претепан.

Најголемата прокинеска партија доживеа тежок пораз бидејќи изгуби повеќе од 100 од вкупно 182 кандидати.

Гласачите гласаа меѓу 1.104 кандидати за 452 места во локалната самоуправа на градот. Градските совети контролираат одредена потрошувачка и одлучуваат за прашања поврзани со животот, како превозот, а служат и како важна платформа за ширење на политичкото влијание во градот со кој владее комунистичка Кина.

Откако Британија ѝ го врати Хонг Конг на Кина во 1997, овој специјален регион функционира по принципот „една земја, два системи“. Тоа на градот му дава самоуправа и разни слободи, вклучувајќи и ограничени изборни права.