Дел од владините функционери имале контакт со Заев – се чекаат насоки од Филипче


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Откако се доби сознание дека уредникот на телевизија Канал 5 е позитивен на коронавирус, Зоран Заев и Христијан Мицкоски направија тестови по што се уврди дека претседателот на ВМРО ДПМНЕ е негативен на Ковид 19. Резултатите за бившиот премиер Заев се чекаат денес после 16 часот.

Двајцата направија тестови бидејќи минатата недела поединечно гостуваа во емисијата Само интервју со уредникот на телевизијата.

-До овој момент сум во одлична здравствена и физичка кондиција. Во текот на вчерашниот ден, по добивање на информацијата дека е нарушено здравјето на новинарот со кој имав интервју точно пред една недела и истото се поврзува со пандемијата, направив тест чии резултати се негативни. Но, ќе ги почитувам препораките на здравствените лица и во наредниот период од неколку дена ќе останам во изолација. Се надевам на брзо закрепнување на новинарот и негово брзо враќање на работното место. – напиша на социјалните мрежи претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Лидерот на СДСМ е во родниот град Струмица, но засега вели дека нема симптоми на вирусот.

-Иако во текот на интервјуто ги преземавме сите заштитни мерки како избегнување контакт и одржување дистанца, согласно сите протоколи, од денеска сум во самоизолација во мојот дом во Струмица. Немам симптоми, денеска се тестирав за присуство на вирусот и резултатите ги очекуваме во текот на денот – информираше преку фејсбук Зоран Заев.

Од СДСМ и ВМРО ДПМНЕ велат дека преземаат превентивни мерки за сите лица кои биле во контакт со двајцата лидери. Од партијата на Мицкоски посочуваат дека сите сопартијци кои имале близок контакт со нивниот лидер се во самоизолација, а некои од нив направиле и тестови кои се негативни на корона вирусот.

Во меѓувреме, владини членови чекаат насоки од министерот за здравство Венко Филипче дали и за нив е потребно тестирање, бидејќи изминатите денови имале контакт со претседателот на СДСМ Заев.

-Секако дека сме биле во комуникација со претседаелот на СДСМ. Ако треба да се тестираме го имаме министерот за здравство кој ќе ни каже. Во Владата секако дека на дневно ниво сме во релација и ова на долг рок нема да го издржиме да бегаме еден од друг и во овој период мора да се заштитиме и затоа и кога ги имаме состаноците сите седиме на два метра и сите носиме маски. Ако погледнете целата влада е адаптирна да ја држиме таа дистанца и да ги почитуваме сите препрораки и се што треба да преземеме. – Нина Ангеловска – министер за финансии

Инаку, интервјуата во Канал 5 Телевизија се реализираа минатата недела. Претседателот на СДСМ Заев гостуваше на втори април, а утредента на трети април и претседателот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски.