Дел од невладиниот сектор во Македонија: Стоп за ДДВ обврзник на физички лица


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


13 невладни организации апелираат до владините надлежни органи да не се воведува оданочување со ДДВ за физички лица.

Центарот за економски анализи, Finance Think, Центарот за даночна политика, Транспаренси Интернешнл – Македонија, Евротинк, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, Фондацијата Отворено општество Македонија, Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје, Институтот за европска политика – Скопје, Институтот за комуникациски студии, Институтот за општествени и хуманистички науки Скопје, Analysis and advisory group и Центарот за управување со промени испратија соопштение со кое што се противат на станувањето ДДВ обврзник на физички лица.

„Ние долупотпишаните сакаме да ја информираме јавноста и да дадеме препораки до надлежните институции во врска со оданочувањето на физичките лица со ДДВ во рамки на постојаната регулатива, кое е проблематично, од неколку аспекти.

Ова соопштение за јавност е во функција на подобрување на владеењето на правото, зајакнување на правната сигурност, подобрувањето на услугите од страна на јавниот сектор.

Понатаму во текстот даваме образложение за проблематичните аспекти како и соодветни препораки за надлежните.

1.Нејасна законска дефиниција на самостојна стопанска дејност на физички лица за цели на ДДВ

Законот за ДДВ, ниту кој било друг закон, не дефинира што претставува самостојна стопанска дејност на физички лица. За некои дејности е многу јасно (на пример, фризер), затоа што нив ги регулира Законот за трговска дејност, најчесто како трговец поединец. За низа други дејности, не може да се каже дека се стопански дејности (на пример, научна или уметничка дејност), освен ако законодавецот не одлучи тие експлицитно да ги наведе како самостојна стопанска дејност на физички лица во Законот, или во подзаконски акт. Подзаконскиот акт ќе треба да го регулира правото на одбивка на влезното ДДВ.

До регулирањето на сите отворени прашања, спроведувањето на Законот за ДДВ и внесувањето на физичките лица во системот на ДДВ е неможно, подложно на арбитрарно толкување од даночните инспектори со што ќе се еродира правната сигурност кај даночните обврзници, ќе се генерира незадоволство и можност за зголемена даночна евазија.

2.Основата за оданочување со ДДВ кај физичките лица не може да се утврдува од даночната пријава за ПДД

Утврдувањето на даночна основа за ДДВ врз основа на приходот пријавен во даночната пријава за персонален данок од доход не е егзактен метод за даночни цели и затоа го поткопува правниот систем од причина што не дава прецизни податоци за изворите на тие приходи, природата на нивното настанување и нивниот континуитет.

Затоа, даночните власти треба да утврдат други елементи (покрај потребата од дефинирање на самостојна стопанска дејност на физички лица), а тоа се:

– немање на јасно декларирана интерпретација на одредбите од законот со што ќе се исклучи арбитрарноста на толкување од страна на УЈП,

– дали лицето навистина се занимава со некаква стопанска дејност,

– дали доходот што го остварува се заснова на некаков континуитет како што тоа го бара Законот за ДДВ или пак се работи за инцидентни доходи кои воопшто не зависат од оној што ги пружа услугите, односно не ги продава (на пример реализација на разни проекти финансирани од странски донатори не може да се смета за стопанска дејност),

– и на крајот суштината на функционирањето на ДДВ е товарот да падне врз крајниот потрошувач, а не врз давателот на услуги, па оттука и УЈП треба да се изјасни како овој товар ќе падне врз крајниот корисник на услугата во случај на вакви инцидентни доходи кои не зависат од давателот на услугата туку од оној што има потреба од таква услуга.

Според тоа, даночните власти или УЈП и Министерството за финансии прилично арбитрарно имаат намера да го спроведуваат Законот за ДДВ без да ги земат во предвид сите аспекти кои ги бара самиот Закон за ДДВ. Ваквата арбитрарност внесува несигурност и можност за толкување на една крајност, а тоа е дека секој примен доход (освен тој од плата) подлежи на оданочување со ДДВ.

3.Авторските договори не може да подлежат на ДДВ, по дефиниција

Се чини дека најспорно е толкувањето на Законот дека и авторските договори треба да подлежат на ДДВ. Имено, со авторските договори се регулираат приходи од научни, уметнички, образовни, културни и слични дела. Кај авторските договори нема промет бидејќи не се врши пренос на авторското право кое претставува дефиниција за промет согласно постојниот закон за ДДВ. На пример, во голем број членки на ЕУ (вклучително и Велика Британија), авторските дела се надвор од системот на ДДВ (а така е и во Македонија за правните лица – невладините организации и универзитетите се ослободени од ДДВ – бидејќи создаваат дела за општо добро). ЕУ ова прашање го регулира така што прави разлика помеѓу:

– авторско дело за „општо добро“, во кој случај авторското право останува кај авторот, односно нема никаков промет и тогаш авторските дела се надвор од опфатот на ДДВ; и,

– авторско дело при кое авторот ги предава авторските права на нарачателот, во кој случај станува збор за консултантска услуга, и таа е во опфатот на ДДВ.

Во Македонија, авторските договори се најчесто од првиот тип, додека консултантските договори се најчесто договори на дело.

Ако државата неправедно инсистира на концептот авторските договори да подлежат на ДДВ, тогаш се поставува прашањето на самиот механизам на функционирање на Законот за ДДВ т.е. голем предизвик и административен трошок за УЈП ќе биде да се дефинира и контролира што би бил влезен ДДВ (на пример, исхраната, одморот и сличните инпути на интелектуалниот напор). Одговорот на ова прашање всушност покажува колку е ова бесмислено и неможно да се регулира.

4.Континуирана стопанска дејност

Согласно постојниот закон за ДДВ и шестата директива на ЕУ за ДДВ, еден од условите за ДДВ регистрација е и континуиран промет. Во сите случаи, освен кај договорите за закуп, ова барање на законот не е исполнето. Договорите за дело, авторските договори и останатите консултантски договори за физичкото лице немаат континуитет како кај правен субјект регистриран за објавување на одредена дејност со цел остварување на профит. Тие договори кај физичките лица можат да имаат и еднократен ефект само во одредена година или период од годината. Доколку таквите договори го надминуваат дефинираниот праг за регистрација за ДДВ по основ на еднократна исплата која нема изгледи да се повтори во иднина, само ќе го зголемат административниот товар на даночната управа, трошоци кај новите ДДВ обврзници и ќе иницираат нови начини за даночна евазија.

5.Правна (не)сигурност

Примена на ДДВ за физички лица во услови на неусогласени правни решенија во голем број закони ќе доведе до компромитација на системот на ДДВ и на владеење на правото, правната сигурност и правичноста. Неусогласеноста и нејасноста на одредбата од Законот за ДДВ што се однесува на физичките лица со бројни закони кои се усвоени во меѓувреме вклучително и Закон за работни односи и Закон за трговски друштва, ќе предизвика нејаснотии и арбитрарност во нивната примена.

Ние не ги спориме одредбите од Законот за ДДВ каде што не се прави разлика помеѓу правни или физички лица кои вршат стопанска дејност. Јасно е дека и физички лица може да бидат во системот на ДДВ како што се адвокати, таксисти и други вршители на дејност. Меѓутоа, даночните власти мора да направат јасна дистинкција на тоа што е вршење на стопанска дејност и притоа да ги исполнува условите за таквата дејност на континуирана основа.

Граѓаните во улога на даночни обврзници се сведоци и во подолг временски период толерираа злоупотреба на јавни средства и на нивните даноци, ниска отчетност, правна несигурност, недопирливост на јавните личности за злоупотребени јавни ресурси, како и недостаток на дебата со независни експерти, со цел да се ислушаат нивните аргументи и ставови. Готови решенија кои произлегуваат од нејасни закони и нецелосно подготвена јавна администрација само го поткопуваат веќе еродираното владеење на правото во Македонија.

Оваа Влада се обврза дека ќе ја смени таа пракса за што и ја доби широката поддршка од граѓаните за промени. Прво, за правните решенија треба широко да се дебатира и да се консултираат независни експерти и да се носат во конструктивен дијалог. Независната експертска јавност е револтирана од инсистирање на примена на нејасно, непрецизно и неусогласено решение, преку парцијално, паушално и арбитрарно толкување од државните органи. Овие одредби од законот ќе биле спроведени и претходно доколку биле јасни, прецизни комплетно усогласени со останатата законска регулатива и без недоречености.

6.Предлози за појасна законска ДДВ регулатива

*УЈП моментално да се повлече од арбитрарното толкување на Законот за ДДВ.

*УЈП привремено да продолжи да администрира само кај случаите каде тој Закон е јасен (главно, кај Договорите за издавање недвижен имот).

*Да се отвори јавна дебата за потребата физичките лица да влезат во системот на ДДВ, со објаснување/едуцирање зошто е тоа потребно и како е направено во земјите на ЕУ.

*Да се допрецизира самостојна стопанска дејност во Законот за ДДВ (со посебен подзаконски акт), и да се усогласи со другите релевантни закони (на пр., Закон за трговски друштва).

*Јасно да се разделат авторските договори кои се надвор од опфатот на ДДВ (создавање авторски дела за „општо добро“ – по примерот на ЕУ), од оние авторски договори кои по природа се консултантски договори и кои може да бидат предмет на ДДВ цели.

*Да се направи анализа на административниот капацитетот и ефикасноста на УЈП за администрирање на јавните давачки кои ги администрира и потоа да се постави соодветна граница за потребите на ДДВ за прометот на лица обврзници на ДДВ.

*Да се организираат трибини и советувања за предложените законски решенија, во кои ќе бидат вклучени УЈП и сметководителите.

*Да се надгради регистарот на физички лица обврзници на ДДВ, со јасно назначување на нивната самостојна стопанска дејност.

*Во меѓувреме, УЈП да го надгради својот административен капацитет за ефикасно спроведување на законската измена. При тоа во фазите на системскиот инженеринг за администрирање да се почитува фазата на тестирање на системот која треба да се изолира од и не смее да се поклопува со фазата на употреба на системот.

*Дополнувањата на Законот да се донесат транспарентно и инклузивно, а едукативната кампања да продолжи континуирано.

*Законот да се спроведува најрано од моментот на донесувањето на измените и регистрацијата за ДДВ да важи од момент на исполнување на условите претходно дефинирани за регистрација на ДДВ“ се вели во соопштението потпишано на Центарот за економски анализи, Finance Think, Центарот за даночна политика, Транспаренси Интернешнл – Македонија, Евротинк, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, Фондацијата Отворено општество Македонија, Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје, Институтот за европска политика – Скопје, Институтот за комуникациски студии, Институтот за општествени и хуманистички науки Скопје, Analysis and advisory group и Центарот за управување со промени.

7.Потписи:

1.Центар за економски анализи

2.Finance Think

3.Центар за даночна политика

4.Транспаренси Интернешнл – Македонија

5.Евротинк

6.Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија

7.Фондација отворено општество Македонија

8.Институт за демократија Социетас цивилис – Скопје

9.Институт за европска политика – Скопје

10.Институт за комуникациски студии

11.Институт за општествени и хуманистички науки, Скопје

12.Analysis and advisory group

13.Центар за управување со промени