Давидовиќ, Османи, Тортевски или Наков: Кој ќе го замени Зврлевски на местото Јавен обвинител?


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Советот на јавните обвинители денес ќе одлучи кој ќе биде вршител на должноста државен јавен обвинител, а во исто време Владата ќе почне процедура за именување на нов обвинител. Дел од членовите на Советот се уште се на одмор, па затоа денеска не успеале да се состанат. Дека влегуваат во трката за наследник на Зврлевски досега потврдија адвокатите Звонко Давидовиќ, Александар Тортевски и Александар Наков. Четвртиот тркач, адвокатот и универзитетски професор од Тетово, Сејфула Османи, вели дека целта му е да се ослободи судството од притисоци.

„Треба да се деполитизира обвинителството, но сепак внатре во обвинителството има и лица кои се професионалци поради тоа што имаме и многу добри обвинители на кои што треба да им се даде можност да го искажат тоа што можат да го направат. Жал ми е што претходникот (Зврлевски) направи некои движења кои можат да се детектираат и од еден правник од Правниот факултет. Затоа, можам да кажам со многу одговорност дека доколку ми се даде можност, им гарантирам на сите граѓани на Македонија дека такво однесување нема да се повтори“, истакна Османи.

Дел од правните експерти велат дека со разрешувањето на Марко Зврлевски се отвора патот за реформи во правосудството. Универзитетскиот професор, Мерсим Максути вели дека првото нешто што треба да се направи е да се стави под одговорност и Советот на јавни обвинители.

„Затоа реформите треба да почнат од овој орган. Од сега па натаму да се стави под контрола и овој орган преку законска измена со која што ќе може да се санкционира и на тој начин и овој орган да даде отчет пред некого, доколку не е во состојба да ја врши својата работа како што треба“, истакна Максути.

Народниот правобранител Иџет Мемети, на прашањето од ТВ 21 за неопходноста од реформи вели дека правосудниот систем е нефункционален и е потреба трансформација во две насоки.

„Правата ги опфаќа промените за кои ќе биде потребно време бидејќи тоа е процес и добро е што има волја за суштински реформи. Неопходен е поширок консензус  со поголема политичка и стручна вклученост но и на граѓанскиот сектор. Во втората насока се промените кои мора бргу да се направат. Стручната поставеност и неквалитетот се јавуваат како проблем во Македонија, како на пример составот на Антикорупциска“, вели Мемети.

На денешната владина седница се очекува да се најде заклучокот со кој ќе му предложи на Собранието да објави оглас кој трае 15 дена. Сепак, според калкулациите,  земјава најверојатно ќе добие нов јавен обвинител дури по локалните избори бидејќи процедурата може да трае и повеќе од еден месец со оглед на тоа што кандидатите треба да добијат мислење од Советот на јавните обвинители а Владата само еден ќе предложи како кандидат до Собранието.