Данската премиерка: „Гренланд не е за продавање“ – Трамп веднаш „ѝ се скара“

Првиот човек на САД, претседателот Доналд Трамп, ја отажа најавената посета на Данска и средба со данската премиерка Мете Фредериксен, откако таа јавно објави дека Данска не е заинтересирана за продажба на Гренланд.

„Данска е многу посебна држава со неверојатни луѓе, но поради изјавата на премиерката Мете Фредериксен дека не е заинтересирана да разговара за продажба на Гренланд, ќе ја одложам нашата средба закажана за две недели“, напиша Трамп на својот профил на Твитер.

Американскиот претседател за време на викендот за медиумите потврди дека неговата влада е заинтересирана за купување на ретко населениот, најголем остров на светот.

Гренланд во голема мера е независен, но Данска управува со неговата надворешна, одбранбена и монетарна политика. И Данска и Гренланд веднаш го отфрлија предлогот на Трамп.

„Гренланд не е на продажба. Гренланд не е дански, Гренланд му припаѓа на Гренланд. Се надевам дека тоа не го мислеше сериозно“, рече данската премиерка Мете Фредериксен за понудата.

Американскиот претседател потоа на Твитер објави фотомонтажа од свој хотел на островот, коментирајќи: „Ветувам дека нема да го направам ова на Гренланд“, а во средата на Твитер ѝ се заблагодари на данската премиерка бидејќи со својата отвореност им заштеди многу време и на САД и на Данска.